РКЕ најавува подобро отчитување на струјата


Скопје. 24 декември 2025 – Процентот на отчитување на струјните броила е зголемен на 95% на тримесечно ниво, односно на 90% на месечно ниво, а опфатени се и 10.000 потрошувачи кои во последните две години поднеле приговори или поплаки за фактури. Со овие корисници е започната етапна телефонска комуникација. Ова се дел од сетот активни мерки што, по налог на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), ги презеде операторот на електро-дистрибутивниот систем Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје.

Во пресрет на зимските месеци, по иницијатива на РКЕ беше одржан координативен состанок со раководството на Електродистрибуција ДООЕЛ, на кој беа презентирани преземените активности за подобрување на квалитетот на услугата и зајакнување на двонасочната комуникација со потрошувачите, со цел поголема доверба, транспарентност и отчетност.

Регулаторите потенцираа дека од особено значење е редовното отчитување да продолжи и во првите недели од јануари. Од Електродистрибуција информираа дека, имајќи го предвид искуството од годинава и зголемениот број поплаки за време на празниците, формирани се вонредни екипи кои ќе вршат отчитување и за време на празници и викенди, со цел потрошувачите да добиваат сметки со реална, а не прогнозирана потрошувачка.

РЕКЛАМА

Од компанијата информираат дека од 1 декември годинава се проширени дигиталните услуги за корисниците, при што е ставена во функција нова услуга за онлајн корекција на фактури. Истовремено, вработените се дополнително ангажирани да им помагаат на потрошувачите при креирање кориснички профили.

На располагање остануваат и претходно воведените дигитални услуги, како „Пријави состојба“, „Е-фактура“, како и јасната ознака на фактурите со „О“ – отчитана или „М“ – проценета состојба, со што корисниците имаат целосна информација дали сметката се базира на реална или проценета потрошувачка.

Од РКЕ и од Електродистрибуција упатија апел до потрошувачите и во текот на зимскиот период да продолжат со одговорно и рационално користење на електричната енергија.

Извор: РКЕ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба