Скопје. 23 декември 2025 – Денес се одржа седница на Советот за праведна транзиција, на која беше разгледан Годишниот план за имплементација на праведната транзиција за 2026 година.
На состанокот беше истакнато дека Планот за 2026 претставува клучен стратешки документ за насочување на активностите во процесот на праведна транзиција, како и за исполнување на обврските на државата во рамки на Реформската агенда и Планот за раст. Во таа насока, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја има водечката улога во координацијата и финализирањето на документот.
Фокусот на дискусијата беше ставен на потребата Планот да биде јасно оперативен и ориентиран кон имплементација, со прецизно дефинирани активности и проекти, назначени одговорни институции, утврдена временска рамка, потребни финансиски и човечки ресурси, како и механизам за следење и известување за напредокот.
Министерката Божиновска нагласи дека „успешната имплементација на праведната транзиција во 2026 година бара силна меѓуинституционална координација, јасно распределени улоги и активна вклученост на сите релевантни институции, како и редовно следење и известување за напредокот преку Советот и работните групи“.
По денешната дискусија и постигнатото усогласување, Планот ќе биде подготвен за понатамошна формална постапка за усвојување, со цел државата да влезе во 2026 година со јасна насока, утврдени приоритети и засилен фокус на спроведување и конкретни резултати во рамки на зелената транзиција.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
