Скопје. 23 декември 2025 – Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) соопшти дека ја ревидирала предлог-одлуката за крајните цени на електричната енергија доставена од универзалниот снабдувач ЕВН Хоме.
Наместо предложеното просечно зголемување од 7,66%, кое требаше да стапи на сила од 1 јануари 2026 година, РКЕ по направените детални анализи и дополнителни пресметки донесе одлука за значително пониски корекции по тарифни блокови. Така, во првиот блок цената ќе се зголеми за 2,45%. Во вториот блок корекцијата изнесува 2,87%, наспроти предложените 8,54%. Во третиот блок е предвидено зголемување од 3,32%, наместо првично планираните 9,63%, додека во четвртиот блок цената ќе порасне за 3,84%, за разлика од предложените 11,86%.
Во однос на ниската, односно евтината тарифа, ЕВН Хоме предложи поскапување од 3,96%, но регулаторот одлучи таа корекција да изнесува 2,50%.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, истакна дека Комисијата и овојпат постапува транспарентно и во интерес на јавноста, имајќи ја предвид чувствителноста на цените на енергијата и енергенсите кои се под регулаторна надлежност. Според регулаторните анализи, сметките за електрична енергија кај домаќинствата што трошат во првиот и вториот блок ќе се зголемат во просек за 2,59%, додека кај потрошувачите кои имаат потрошувачка и во третиот блок, зголемувањето ќе изнесува околу 2,79%.Од РКЕ посочуваат дека иако ЕВН Хоме го применил постојниот тарифен систем, при изработката на предлог-цените и распределбата на трошоците по блокови не бил доследно почитуван основниот регулаторен принцип – балансирање на интересите меѓу енергетските компании и потрошувачите.
Регулаторната комисија нагласува дека нејзина цел е утврдување на крајни цени кои ќе обезбедат сигурно и континуирано снабдување со електрична енергија, без да се изложат граѓаните на нагли ценовни удари. Според податоците на РКЕ, околу 64% од домаќинствата трошат електрична енергија исклучиво во првиот блок, приближно 21% имаат потрошувачка и во вториот блок, додека третиот блок го користат 1,73% од потрошувачите.
Според РКЕ, за 85% од домаќинствата, поскапувањето ќе изнесува околу 2,28% или 57 до 70 денари на просечната месечна сметка.
Енергетика 24
