Мицкоски најави инвестиции од речиси 100 милиони евра во енергетиката

Скопје. 22 декември 2025 – Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави нови инвестиции од вкупно околу 100 милиони евра во енергетскиот сектор, по потпишувањето договорите за изградба на фотонапонската електрана „Битола 3“ и за ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3.

Како што соопшти Мицкоски, вкупната вредност на проектите изнесува 97 милиони евра. Од нив, 50 милиони евра се обезбедени преку KfW банка за изградба на „Битола 3“, 10 милиони евра за ревитализација на хидроелектраните, додека 37 милиони евра се кредит од Европската банка за обнова и развој за истиот фотоволтаичен проект.

Премиерот истакна дека енергетиката е стратешки национален приоритет, поврзан со економскиот развој, безбедноста и енергетската независност на државата. Според него, новите инвестиции ќе придонесат за намалување на зависноста од увоз на електрична енергија, стабилизирање на енергетскиот биланс и пониски трошоци на долг рок.

РЕКЛАМА

Фотонапонската електрана „Битола 3“, како што беше наведено, е чекор кон модерна и одржлива енергетика, додека ревитализацијата на хидроелектраните има за цел зголемување на ефикасноста и продолжување на работниот век на постојните капацитети.

Мицкоски нагласи дека проектите ќе имаат и економски ефекти преку отворање нови работни места, ангажман на домашни компании и развој на локалните заедници и притоа доаде дека, стабилниот енергетски систем е основа за стабилна економија и подобар животен стандард за граѓаните.

Владата им изрази благодарност на Министерството за финансии, АД ЕСМ, како и на меѓународните партнери – KfW банка и Европската банка за обнова и развој, за поддршката во реализацијата на, како што беше оценето, стратешки значајни инвестиции за долгорочна трансформација на енергетскиот систем.

За време на потпишувањето на договорите, во Владата на Република Македонија, генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, истакна дека овој чекор е од суштинско значење за оперативната одржливост на компанијата и за енергетската безбедност на Македонија и притоа додаде:

ФОТО / ВЛАДА МК

Нашите стратешки цели веќе се реализираат со голема динамика на терен. Токму денеска ги отвораме понудите за избор на изведувачи за фотонапонските електрани Осломеј 2 и Битола 1 и 2, а истовремено интензивно се работи и на теренска реализација на втората фаза од ветерниот парк ‘Богданци”. Преку сите овие проекти вклучувајќи ја и новата електрана Битола 3, во следните две до три години ќе го зголемиме домашното производство од обновливи извори за повеќе од 200 MW. Тоа не само што значи енергетска стабилност, туку и значаен еколошки придонес со намалување на годишните емисии на јаглерод диоксид за повеќе од 260.000 тони, годишно”.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба