Ниигата. 22 декември – Јапонската префектура Ниигата се очекува во денес да даде зелено светло за рестартирање на нуклеарната централа Кашивазаки-Карива, најголемата во светот, што се смета за пресвртница во враќањето на земјата кон нуклеарната енергија по катастрофата во Фукушима во 2011 година.
Централата, лоцирана околу 220 километри северозападно од Токио, беше меѓу 54-те реактори затворени по силниот земјотрес и цунамито што ја предизвикаа најтешката нуклеарна несреќа по Чернобил. Од тогаш, Јапонија повторно активираше 14 од 33-те реактори што сè уште се оперативни, со цел да ја намали зависноста од увезени фосилни горива.
Кашивазаки-Карива ќе биде првата централа што повторно ќе ја управува компанијата ТЕПКО, операторот на оштетената Фукушима. Од компанијата уверуваат дека безбедноста е приоритет. „Цврсто сме посветени никогаш да не се повтори таква несреќа“, изјави портпаролот на ТЕПКО, Масакатсу Такада.
Доколку одлуката биде одобрена, ТЕПКО разгледува можност првиот од седумте реактори да се рестартира на 20 јануари, јави јавниот сервис НХК.
И покрај тоа, значаен дел од локалното население останува скептичен. Истражување објавено во октомври покажа дека 60% од жителите сметаат дека условите за рестарт не се исполнети, а речиси 70% се загрижени за улогата на ТЕПКО. Антинуклеарни активисти најавија протести за време на гласањето во префектуралното собрание.
Премиерката Санае Такаичи го поддржува рестартирањето како мерка за зајакнување на енергетската безбедност и намалување на трошоците за увоз на енергенси, кои обезбедуваат до 70% од електричната енергија во земјата. Јапонија има цел до 2040 година да го удвои уделот на нуклеарната енергија на 20% од електроенергетскиот микс.
Гласањето во Ниигата се смета за последната голема пречка пред повторното пуштање во работа на централата, чиј прв реактор сам по себе би можел да го зголеми снабдувањето со електрична енергија за регионот Токио за околу 2%.
Извор: Ројтерс
