Во ноември 2025 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО, за задоволување на севкупната потрошувачка на електрична енергија во државата, без загубите, односно нето-потрошувачката, продадена е електрична енергија во износ од 504 GWh.
Во истиот период, на пазарот на електрична енергија реализирани се трансакции од сопствено производство во вкупна количина од 533 GWh. Најголем удел во домашното производство има ЕСМ со 250 GWh, што претставува 46,9% од вкупното сопствено производство. Следуваат независните производители со 191 GWh или 35,9% , виртуелните производители со 47 GWh односно 8,8%, како и повластените производители кои користат повластена тарифа со 45 GWh или 8,4%.
Со оствареното производство, домашните извори во целост ја обезбедија нето-потрошувачката на електрична енергија, при што учеството на домашното производство во однос на потрошувачката изнесува 100%. Овој резултат го потврдува континуитетот на целосна покриеност на домашната побарувачка со сопствено производство, кој трае непрекинато од мај до ноември годинава.
Остварените податоци укажуваат на стабилна енергетска слика и балансиран однос меѓу производството и потрошувачката, како и на засилена улога на домашните производствени капацитети во обезбедувањето сигурно и континуирано снабдување со електрична енергија.
Во однос на претходниот месец, ноември ја задржа динамиката на високо учество на домашното производство во покривањето на потрошувачката. Во октомври 2025 година нето-потрошувачката изнесуваше 489 GWh, додека сопственото производство беше на ниво од 528 GWh, што исто така обезбеди целосна покриеност на домашната побарувачка. Во ноември се забележува умерено зголемување и на потрошувачката и на производството, при што структурата на производството остана стабилна, со доминантна улога на ЕСМ и значајно учество на независните производители.
Овој континуитет укажува на одржлива рамнотежа меѓу производствените капацитети и потребите на пазарот, како и на зголемена подготвеност на електроенергетскиот систем да одговори на сезонските промени во побарувачката.

Извор: MEMO
