Европските цени на природниот гас нагло паѓаат и покрај студениот период и пониските од просекот резерви, пред се, поради зголемениот прилив на американски ЛНГ, кој го преплавува пазарот и го стеснува ценовниот јаз меѓу Европа и САД.
Во последните денови, референтната цена на гасот на холандскиот TTF-хаб падна под 28 евра за мегават-час, што е најниско ниво од април 2024 година. Од почетокот на годината европските цени се пониски за над 45%, а дури за повеќе од 90% во однос на рекордните нивоа од енергетската криза во 2022 година.
Намалувањето изгледа изненадувачки ако се има предвид дека зимата започна порано и дека складиштата се под петгодишниот просек. До 30 ноември, европските гасни резерви беа исполнети 75%, околу 10% под вообичаеното. Во Германија, најголемиот европски пазар, нивото е само 67%.
Клучната причина за ниските цени доаѓа од другата страна на Атлантикот. САД значително ги зголемија испораките на течен природен гас кон Европа, надоместувајќи го падот на руските количини и пренасочувајќи го глобалниот енергетски проток. Според податоците на Kpler, околу 56% од европскиот увоз на ЛНГ годинава потекнува од САД.
Слабата азиска побарувачка и силниот американски извоз го прават европскиот пазар главна дестинација. Овој континуиран прилив ја намалува TTF-Henry Hub ценовната маргина, односно, разликата меѓу европските и американските цени.
Инаку, традиционално, американскиот гас е поевтин поради високото домашно производство. Но во 2025 година маргината се намали од околу 12 долари за MMBtu на почетокот на годината на само 4,8 долари – најниско ниво од мај 2021. TTF моментално се тргува за нешто под 10 долари/MMBtu, што е само двојно повеќе од Henry Hub, кој неделава изнесува 5,045 долари.
За споредба, во 2022 година TTF достигна 350 евра/MWh (околу 100 долари/MMBtu), со што се создаде рекорден ценовен јаз од речиси 90 долари во однос на Henry Hub.
Долгорочни прогнози
Аналитичарите на Goldman Sachs очекуваат трендот на израмнување да продолжи. Според Саманта Дарт, поголемата глобална понуда, особено од САД, ќе ги подигне европските резерви и ќе ги турка цените надолу наредните години. Банката прогнозира TTF од 29 евра/MWh во 2026 година и 20 евра/MWh во 2027 година.
До 2028–2029 година, можната конгестија во северозападна Европа може да го спушти TTF до 12 евра/MWh, што би предизвикало откажување на американски ЛНГ-пратки и пад на американските цени до околу 2,70 долари/MMBtu.
По 2030 година, меѓутоа, Goldman предвидува можно затегнување на глобалниот ЛНГ-пазар поради политиките за декарбонизација во Кина и поголемите инвестиции во азиската инфраструктура. Во такво сценарио, TTF може повторно да надмине 30 евра/MWh, а Henry Hub 4 долари/MMBtu по 2033 година.
Извор: Euronews
