Kpler: Краткорочен потрес, долгорочна адаптација – санкциите го менуваат обликот, но не и обемот на руската трговија со нафта

Анализа на енергетската консултантска компанија Kpler покажува дека новите американски санкции против „Росњефт“ и „Лукоил“ создадоа краткорочен шок во руските нафтени извози, но не ја изменија суштината на пазарната динамика: Индија, Кина и Турција остануваат цврсто присутни како клучни купувачи, само што ја трансформираат структурата на своите набавки.

Како што покажува анализата на Kpler, наместо оддалечување од руската сурова нафта, трите држави преминуваат кон посреднички канали за снабдување, со што формално го избегнуваат директниот контакт со санкционираните компании, но ја задржуваат економската корист од значително поевтините руски барели.

Според податоците, увозот на руска нафта во овие земји нагло опадна во втората половина на ноември годинава, непосредно пред истекот на рокот за усогласување на санкциите на 21 ноември. Поради правната и оперативната неизвесност, рафинериите во Индија, Кина и Турција привремено ги намалија купувањата од „Росњефт“ и „Лукоил“, што предизвика короткотрајна празнина во руските извозни текови, која Kpler ја оценува на 1,2 до 1,4 милиони барели дневно. Но аналитичарите нагласуваат дека ваквото нарушување ќе биде ограничено и дека Москва веќе ја реструктурира трговијата преку алтернативни продавачи, меѓу кои се издвојуваат Tatneft, RusExport, Morexport и Alghaf Marine.

РЕКЛАМА

Индија, најголемиот купувач на руска сурова нафта, е под најголем краткорочен ризик. Рафинериите, со исклучок на веќе санкционираната „Најара“, целосно ги прекинуваат директните зделки со „Росњефт“ и „Лукоил“. Притоа, индијските увозни рутии покажуваат забележлива промена: зголемен обем на купувања преку несанкционирани трговци, раздвижени ship-to-ship трансфери во близина на Мумбаи, па дури и промени на дестинацијата среде пловидба. Во следните месеци, Индија ќе го прошири и кошот на набавки со барели од Блискиот Исток, Латинска Америка, Западна Африка и Северна Америка, но Kpler оценува дека руската нафта ќе остане доминантна поради ниската цена и високата комплексност на индиските рафинерии, кои можат да обработуваат широк спектар на тешки суровини.

Кина, исто така, бележи значителен пад на морските испораки – под 800 илјади барели дневно, што е најниско ниво од почетокот на инвазијата во 2022 година. Независните кинески рафинерии чекаат нови увозни квоти за 2025 година, а државните компании се претпазливи додека не се расчисти правната ситуација околу санкциите. Сепак, Kpler потсетува дека Кина не може лесно да го намали увозот преку гасоводите ESPO и Казахстан–Кина, кои носат околу 800 илјади барели дневно и се критични за снабдувањето на северните и западните провинции. Поради тоа, Кина ќе продолжи да купува руска суровина, но под услов ценовните попусти да останат доволно длабоки за да ја оправдаат санкциската и оперативната неизвесност.

Турција, пак, се наоѓа во специфична позиција. Рафинериите Тупраш и СОКАР внимателно ја балансираат дилемата меѓу пристапот до европските пазари за преработени горива и профитот од евтината руска суровина. Првичните сигнали укажуваат дека Анкара се ориентира кон купувања од несанкционирани руски компании, веќе пристигнуваат пратки од Tatneft и Rusvietpetro – а Kpler проценува дека набавките ќе продолжат, но преку „почисти“ канали кои нема да го нарушат европскиот извоз на турски деривати.

Анализата заклучува дека политичката димензија е исто толку важна како и економската. Лидерите на Индија, Кина и Турција не сакаат да се претстават како држави кои се покоруваат на западниот санкциски режим. Во комбинација со атрактивните попусти, ова создава силен мотив да продолжат со купување руска нафта, но во форма што е потешко да се проследи – преку посредници, офшор структури и трговци со нејасна сопственост.

Според Kpler, санкциите го менуваат изгледот на пазарот, но не и неговата суштина: руските барели продолжуваат да го наоѓаат патот до трите најголеми купувачи, само што патот станува подолг, посложен и послабо видлив.

Извор: Kpler.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба