Скопје. 1 декември 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини започна процес за усогласување на Законот за возила со европската регулатива ЕУ 2018/858 и современите стандарди во постапките за одобрување, увоз и надзор на возилата.
Со цел добивање јасни насоки за усогласување на Законот за возила, работниот состанок го водеше д-р Роберт Јерончиќ, реномиран експерт од Република Словенија со долгодишно искуство во развој и имплементација на европското законодавство за возила.
На состанокот учествуваа претставници од Бирото за метрологија, Царинската управа, Метролошкиот совет и повеќе релевантни институции кои се дел од постапките за одобрување, увоз и контрола на возилата.
На состанокот присуствуваше и министерката Сања Божиновска, која ја нагласи потребата од системски и доследен пристап во примената на законодавството во оваа област.
„Македонскиот закон за возила мора конечно да почне да се применува доследно и усогласено со европските правила. Време е сериозно да ги забрзаме процесите и да воспоставиме јасни, прецизни и предвидливи процедури,“ истакна министерката Божиновска. Таа додаде дека институциите веќе добиле „јасни насоки за забрзана и суштинска хармонизација со регулативата на Европската Унија“.
Целта на состанокот беше да се дефинираат конкретни чекори за конечно воспоставување усогласен, јасен и предвидлив систем, кој ќе обезбеди:
- целосно прилагодување на националното законодавство кон европската регулатива,
- современи процедури за одобрување и увоз на возила,
- построг и ефикасен надзор
- засилен институционален ред во сите фази на процесот – од документирање, до контрола.
На средбата Преку размена на практики и експертиза, беше потврдена заедничката определба за воспоставување ред, поголема транспарентност и целосно усогласување со европските стандарди. Како продолжение на денешната работа, утре ќе се одржи и специјализирана работилница на иста тема, на која ќе присуствуваат сите релевантни институции и стручни служби. Работилницата е насочена кон финализирање на техничките насоки и подготовка на конкретни измени за модернизирање на Законот за возила.
Инаку, Регулативата ЕУ 2018/858 има значајна еколошка компонента, бидејќи воведува строги правила за контрола на емисиите и заштита на животната средина во целиот процес на одобрување и надзор на возилата. Таа бара сите возила да ги исполнуваат европските еколошки стандарди (Euro норми), се воведуваат тестирања во реални услови за да се спречи прикривање на вистинските емисии, а државите се обврзуваат редовно да вршат надзор и проверки на возила што веќе се на пазарот. Со зголемена транспарентност, построги проверки и јасни процедури, регулативата има за цел да го намали загадувањето и да обезбеди високо ниво на заштита на животната средина.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
