Скопје. 28 ноември 2025 – Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека од 1 декември годинава, цената на парното греење се зголемува во просек за околу 130 денари по домаќинство. Така, месечната сметка од досегашните 2.200 денари ќе изнесува приближно 2.330 денари.
Најголемиот топлински систем, ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство ќе има просечно зголемување од 5,9%. За потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е 7,6%, додека корисниците на Скопје Север Енерџи Еко Линк ќе плаќаат 7,7% повисоки сметки.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, порача дека поскапувањето доаѓа во период кога е неопходно долгорочно стратешко планирање и опсежна санација на топловодната мрежа. Инвестициите, според него, ќе го подобрат квалитетот на снабдување, ќе ги намалат дефектите и ќе овозможат проширување на мрежата.
„Парното греење и понатаму останува најекономично решение. Анализите покажуваат дека доколку сите исклучени корисници повторно се приклучат на системот, сметките би се намалиле за околу 10%“, истакна Бислимоски.
Во земјата моментално околу 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Извор: РКЕ
