На 25 ноември 2025 година Директорот на Институтот за акредитација, Нико Берберу, го врачи Сертификатот за втората реакредитација на Лабораторијата за изолациони материјали на АД МЕПСО. Лабораторијата функционира под капата на подружницата ОПМ, со што Сертификатот за акредитација го прими директорот на ОПМ, Васе Јовевски. На свеченото доделување присуствуваа и водечкиот оценувач од Институтот, Бојана Ацева и тимот од Лабораторијата кој стои зад успешната реакредитација, раководителот на Службата за изолациони материјали Вилма Миновска, раководителот на Лабораторијата Димитрија Михајлоски и операторите Оливера Стојаноска и Горан Петров.
Лабораторијата на АД МЕПСО, основана во 2000 година, претставува центар на иновации, знаење и висококвалитетни анализи кои континуирано ја поддржуваат енергетската индустрија. Со долгогодишната посветеност и професионалност, лабораторијата се разви во клучна институција за прецизна и сигурна техничка поддршка.
Од 2017 година, лабораторијата е акредитирана согласно барањата на стандардот MKC EN ISO/IEC 17025:2018, и е единствена од ваков тип во Македонија со толку широк спектар на услуги и анализи, што ѝ овозможува да се вбројува меѓу најреномираните лаборатории на Балканот и пошироко. Новодобиениот Сертификат е со важност до 5 октомври 2029 година.
АД МЕПСО со посебна гордост ја истакнува оваа лабораторија како пример за успешно спојување на врвна стручност, современа технологија и висока професионална одговорност. Континуираниот раст на довербата и побарувачката од клиентите претставува доказ за квалитетот и сигурноста со кои лабораторијата работи. Таа не само што ги следи, туку и поставува нови стандарди во индустријата, значајно придонесувајќи за развојот и стабилноста на енергетскиот сектор во земјата.
Извор: АД МЕПСО
