Скопје. 26 ноември 2025 – Продуктоводот за нафтени деривати Солун–Скопје, кој повеќе од десет години беше надвор од функција поради политички и технички недоразбирања меѓу Македонија и Грција, ќе биде повторно активиран до крајот на годинава.
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека процесот е во завршна фаза, нагласувајќи дека државата ги исполнила сите обврски за повторно ставање на системот во употреба.
„Траат испитувањата, мислам дека се веќе завршени, треба да почнат пробите на притисок, ако веќе не се и почнати. Знам, на Влада помина и ценовникот, така што очекувам оваа година да биде тој продуктовод ставен во функција,“ изјави премиерот.
Реактивирањето на продуктоводот доаѓа во период кога Србија се соочува со сериозен недостиг на нафтени деривати, поради санкциите на САД кон руските сопственици на Нафтената индустрија на Србија (НИС), што ја блокира работата на рафинериите. На прашањето дали Македонија може да ја искористи ситуацијата и да обезбеди дополнителен извоз на горива кон јужна Србија, премиерот Мицкоски нагласи дека Владата не може да настапува како трговски субјект.
„Нормално дека како влада ја разгледуваме секоја можност, но ние како влада не сме акционерско друштво за да ја снабдуваме јужна Србија или другите земји во регионот. Тоа го прават приватни компании, коишто водат бизнис,“ рече тој. Дополнително додаде: „Ние како влада тука застануваме, не можеме ние да го водиме бизнисот на сметка на приватните компании или акционерски друштва.“
Обновувањето на продуктоводот претставува и исполнување на една од обврските од Преспанскиот договор, кој бара двете држави да ја зацврстат енергетската соработка и да ги решат сите отворени прашања поврзани со користење на постојните нафтоводи и гасоводи. Прашањето беше актуелизирано и во 2019 година при посетата на грчката владина делегација во Скопје, кога беше потврдено дека инфраструктурата треба да се стави во функција без одлагање.
Според анализите, реактивирањето на системот ќе ја зајакне позицијата на ОКТА, која веќе снабдува околу 75% од македонскиот пазар. Повторното пуштање во работа на продуктоводот ќе ѝ овозможи на компанијата полесен пристап до регионалните пазари, особено Косово и потенцијално јужна Србија, доколку постои деловен интерес кај приватните трговци со деривати.
Премиерот ги даде овие изјави пред почетокот на Националниот форум на Цивика мобилитас и Саемот на граѓански организации во Скопје, потенцирајќи дека Владата ќе продолжи да инвестира во проекти кои ја зголемуваат енергетската сигурност и регионалната поврзаност, но дека деловните активности остануваат во доменот на приватниот сектор.
Енергетика 24
