На 24 ноември 2025 година во просториите на АД МЕПСО се одржа јавна презентација и расправа за воспоставување на новиот модел за алокација на преносните капацитети на границите на Македонија со Србија и Бугарија. Пред претставници на Регулаторната Комисија за енергетика,водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО и бројни учесници на пазарот на електрична енергија, трговци, снабдувачи со електрична енергија и сл., беше презентиран процесот на имплементација на новите правила за долгорочни (годишни и месечни) и краткорочни алокации ( дневни) на границите МЕПСО-ЕСО (Република Бугарија) и МЕПСО-ЕМС (Република Србија), кои од 1 јануари 2026 г. ќе се спроведуваат преку Единствената алокациска куќа на ЕУ- ЈАО (Joint Allocation Office) со седиште во Луксембург, како единствена призната канцеларија за алокации во рамките на ЕNTSO-E.
Процесот за пристапување кон ЈАО, кој МЕПСО го спроведе во координација со операторите од Бугарија и Србија, трае помалку од една година и опфати неколку фази. Најпрвин беа усогласени позициите на трите оператори за напуштање на досегашниот билатерален модел на алокација, кој се базираше на меѓусебни договори и софтверски решенија. Потоа следуваше поднесување на Барање за пристап до ЈАО и формализирање на соработката, по што техничките тимови започнаа со усогласување на Правилата за алокација и подготовка на ИТ системите за размена на информациии со платформата на ЈАО.
Клучен предуслов за пристапување на МЕПСО во ЈАО беше и усвојувањето на Harmonised Allocation Rulles (HAR), донесени и усвоени од АЦЕР, а потоа и прифатени од МЕПСО и се чека формално одобрување од Регулаторната Комисија за енергетика. HAR е во целосна согласност со Commission Regulation (EU) 2016/1719 Forward Capacity Allocation со што се овозможува минимум 70% од преносниот капацитет да биде даден на аукции.
Тестирањето на системската интеграција, односно размената на податочни фајлови меѓу МЕПСО и ЈАО беше успешно завршено. Претстои уште последниот чекор, а тоа е одобрување од Регулаторната комисија за енергетика, што треба да биде финализирано до крајот на месецов. Во меѓувреме, учесниците на пазарот на електрична енергија треба навреме да се регистрираат на платформата на ЈАО, за да можат да учествуваат на годишните аукции за 2026 година чиј почеток е предвиден за декември 2025 година.
Извор: АД МЕПСО
