Вучиќ: Ако НИС не се продаде, воведуваме наша управа

Белград. 25 ноември 2025 – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска одржа подолг брифинг за критичната состојба во Нафтната индустрија на Србија (НИС) и растечките притисоци поврзани со американските санкции кон руските компании. Тој предупреди дека земјата се соочува со најсериозниот енергетски и финансиски ризик во последните години.

Работата на рафинеријата пред целосен застој

Вучиќ соопшти дека рафинеријата во Панчево моментално работи во намален режим, таканаречена топла циркулација, со уште четири дена до постепено гасење, доколку САД не издадат оперативна лиценца за увоз на нафта преку нафтоводот ЈАНАФ.

„Очекувавме вчера да ја добиеме лиценцата, но Американците побараа дополнителни појаснувања. Без таа дозвола, рафинеријата мора да застане,“ рече Вучиќ.

РЕКЛАМА

Опасност од секундарни санкции и блокада на банкарскиот систем

Претседателот предупреди дека последиците од запирањето на НИС нема да бидат само недостаток од деривати, туку и ризик од секундарни санкции што би ја погодиле и Народната банка на Србија.

„САД веќе испратија предупредување дека централната банка може да стане мета на санкции. Ако тоа се случи, платниот промет ќе се наруши, кредитите ќе бидат блокирани, а целиот финансиски систем ќе биде парализиран,“ истакна тој.

Вучиќ додаде дека има усно уверување од американската страна дека до донесувањето на одлуката за лиценцата нема да има санкциски мерки, но предупреди:
„Ако ова се прекрши, ќе бидеме загрозени во снабдувањето, функционирањето на болниците, итната помош, целиот систем.“

Проценки: доволно гориво само до средината на декември

Според пресметките кои ги изнесе Вучиќ, НИС има резерви од:

  • 55.000 тони дизел
  • 55.000 тони бензин

Тоа е доволно за малопродажба до средината на декември, но не и за целокупни потреби на државата. Србија, како што наведе, има дополнителни државни резерви и нарачани нови количини.

Како Србија ја загуби контролата врз НИС

Вучиќ потсети дека во 2008 година НИС бил продаден на Гаспром за 400 милиони евра, заедно со:

  • рафинериите во Панчево и Нови Сад
  • 497 бензински пумпи
  • магацини, цистерни и логистички капацитети
  • згради, хотели и технолошки погони

Тој нагласи дека Србија со години ги прифаќала сите барања на руската страна и никогаш не го искористила правото на прв купувач, иако Русија во изминатата година трипати го менувала сопственичкото учество.

„Се водевме од желбата да покажеме почит и да не ги нарушиме политичките односи со Русија,“ рече Вучиќ, додавајќи дека државата останала со најниска руда рента во регионот, без можност да ја коригира.

50 дена рок за Русија да најде купувач

Владата на Србија, по предлог на Вучиќ, одлучила да и даде на руската страна уште 50 дена да пронајде нов инвеститор.

„По истекот на тие 50 дена, нема да имаме избор. Нема да национализираме, но ќе воведеме наша управа и ќе ја платиме највисоката цена што постои, затоа што не сакаме неправда кон руските пријатели,“ истакна тој.

Вучиќ посочи дека Србија нема намера да се меша во изборот на купувач, но дека „државата не смее да исчезне поради нечија приватна сопственост“.

Апел до САД за итна лиценца

Претседателот упати директен повик до американската влада да ја издаде потребната оперативна лиценца во следните 48 часа.

„Ако не ја добиеме лиценцата до понеделник, банките во Србија нема да можат да работат. Ова е итност, не политичка игра,“ предупреди Вучиќ, додавајќи дека Србија ќе ги почитува санкциите кои се бараат.

Извор: Nova.rs

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба