Британската влада ќе изработи прва сеопфатна Стратегија за енергетска отпорност со цел да ја зајакне заштитата на критичната енергетска инфраструктура и да го намали ризикот од прекини што можат да предизвикаат значителни штети за граѓаните и бизнисите. Стратегијата ќе биде објавена следната година, соопшти министерот за енергетска безбедност и нето-емисии, Мајкл Шенкс.
Најавата следи по пожарот во март во подстаницата Норт Хајд на National Grid, кој предизвика широко нарушување на сообраќајот на аеродромот „Хитроу“. По инцидентот, владата веднаш ја ангажираше независната Национална енергетска систем-операција (NESO) да спроведе детална истрага.
Истрагата, завршена во јули, утврди дека пожарот најверојатно е предизвикан од влага во опремата што довела до електричен дефект. NESO достави 12 препораки за намалување на вакви ризици, а владата веќе почна да ги спроведува.
Мерките опфаќаат строги стандарди за одржување на стареечката инфраструктура, почести инспекции и редовно тестирање на опремата на критичните локации. Предвидено е и зајакнување на координацијата меѓу енергетските оператори, итните служби и индустријата при инциденти, за да се обезбеди побрзо враќање на снабдувањето.
„Нарушувањата предизвикани од пожарот беа неприфатливи. Брзо реагиравме за да утврдиме што се случило и кои поуки може да се извлечат. Веќе преземаме мерки за зајакнување на инфраструктурата, а долгорочната стратегија ќе ја постави рамката за заедничко делување со индустријата против новите закани“, изјави министерот Шенкс.
За координирање на процесот ќе биде формирана нова Меѓусекторска работна група за енергетска отпорност и безбедност, составена од директори на водечки енергетски компании и предводена од министерот.
Од NESO ја поздравија владината реакција, нагласувајќи дека иако Британија располага со една од најсигурните електроенергетски мрежи во светот, постојат значајни можности за нејзино дополнително зајакнување.
Стратегијата ќе утврди јасни приоритети за превенција, подготвеност, брз одговор и опоравување од енергетски инциденти, и ќе биде усогласена со долгорочните инфраструктурни цели на Министерството за финансии и Акцискиот план за отпорност на Владата. Целта е создавање поотпорен и безбеден енергетски систем, во согласност со амбицијата Британија да стане водечка сила во чистата енергија.
Извор: Gov.uk
