Грција вложува 4,87 милијарди евра во модерна електромрежа

Атина. 18 ноември 2025 – Грчкиот Регулаторен орган за енергетски услуги и вода (RAEYS) вчера го стави на јавна расправа петгодишниот развоен план на грчкиот оператор на електродистрибутивната мреж ХЕДНО, за периодот 2026–2030, кој предвидува рекордни инвестиции од 4,87 милијарди евра. Јавната консултација ќе трае до 8 декември.

Планот опфаќа 208 капитални проекти, што е повеќе од првичниот предлог од август, кога беа наведени 204 проекти со буџет од 4,79 милијарди евра. Главните цели се модернизација на мрежата, зголемување на капацитетите и целосна дигитализација на системите.

За зајакнување на мрежата се предвидени 96 проекти со вкупен буџет од 982 милиони евра. Тие опфаќаат подобрување на високонапонските и среднонапонските трафостаници, распределителните центри и кабелските линии. Целта е зголемување на сигурноста и намалување на техничките загуби.

РЕКЛАМА

Во делот замена и рехабилитација се вклучени 41 проект вреден 675 милиони евра, насочени кон обновување или модернизација на делови од мрежата што го достигнуваат крајот на својот животен век.

Со 807 милиони евра се финансираат приклучоци на нови корисници, проширување на постојните мрежи и инфраструктура за нови типови потрошувачи, како што се енергетски складишта, дата-центри и брзи полначи за електрични возила.

Планирани се и инвестиции за ускладување на мрежата со урбанистички развој и јавни работи, во вредност од 150 милиони евра, како и 18,9 милиони евра за естетски подобрувања.

Најзначајната инвестиција, 1,7 милијарди евра, се однесува на воведување паметни бројила. Од нив, 1,4 милијарди се директно наменети за набавка и инсталација на 7,64 милиони интелигентни мерачи. До денес се поставени околу 1 милион, а целосната замена се очекува до 2030 година.

Паметните бројила ќе им овозможат на домаќинствата и бизнисите временски увид во потрошувачката во реално време, оптимизација на трошоците и учество на енергетските пазари преку агрегирани системи. Снабдувачите ќе можат да креираат попрецизни тарифи и да ги намалат трошоците преку пренасочување на оптоварувањата.

За ХЕДНО, придобивките се уште поголеми: поефикасна контрола на мрежата, автоматизирано мерење, побрза промена на снабдувач и подобро откривање дефекти и кражби на струја.

Петгодишниот финансиски план покажува високо темпо на реализација: 194,9 милиони евра во 2026 година, 269,5 милиони во 2027, 263,5 милиони во 2028 и 266,8 милиони во 2029. Најголемата инвестиција, 357 милиони евра е предвидена за 2030, кога проектот со паметните бројила треба да достигне целосно завршување.

Со овој амбициозен план, ХЕДНО ја иницира најобемната модернизација на електродистрибутивната мрежа во Грција досега, поставувајќи ги паметните бројила како темел на идната енергетска дигитализација.

Извор: Ienergia.gr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба