Германија гради најголем систем за складирање енергија во Европа

Германската енергетска компанија LEAG преку својата подружница за чиста енергија LEAG Clean Power започна изградба на најголемиот единечен батериски систем за складирање енергија (BESS) во Европа. Проектот, наречен GigaBattery Jänschwalde 1000, ќе има капацитет од 1 гигават (GW) и 4 гигават-часови (GWh) и се реализира во партнерство со американската компанија Fluence.

Системот ќе биде изграден во Јеншвалде, во источна Германија, близу границата со Полска, во регионот Лусација, кој традиционално е поврзан со рударството на лигнит. Новиот проект е дел од GigawattFactory, голема инвестиција на LEAG која обединува соларни и ветерни електрани, батериски системи, зелени водородни погони и флексибилни термоцентрали подготвени за работа со водород.

Извршниот директор на LEAG, Ади Рош, изјави дека проектот претставува „нов двигател на растот“ во стратегијата за енергетска трансформација на компанијата. „Клучот за енергетскиот систем на иднината е во комбинацијата на обновливи извори, складирање енергија според побарувачка и флексибилни електрани,“ рече Рош.

РЕКЛАМА

Техничкиот директор на LEAG Clean Energy, Томас Бранденбург, нагласи дека четиричасовниот капацитет на складирање ќе помогне во стабилизирање на електричната мрежа и пооптимално користење на постојните инфраструктурни врски.

Компанијата Fluence ќе ја испорача својата најнова технологија, SmartStack батериски систем со литум-железо-фосфатни (LFP) ќелии. Секој модул има капацитет до 7,5 MWh, а дизајнот овозможува полесен транспорт и монтажа на лице место. Производството на овие единици започна оваа година во новата фабрика на Fluence во Виетнам, со годишен капацитет од 35 GWh.

Според Fluence, GigaBattery Jänschwalde 1000 треба да биде завршен во периодот 2027–2028 година, што е значително побрзо од изградбата на германската хидроелектрана Goldisthal, која има сличен капацитет (1GW/8GWh) но беше реализирана по повеќе од три децении подготовка и градба.

Во моментов, вкупниот капацитет на големи батериски системи во Германија изнесува околу 3,2 GWh, што значи дека новиот проект сам по себе ќе ја надмине целата постојна инфраструктура.

Проектот во Јеншвалде се смета за клучен чекор во европската енергетска транзиција, со што Германија дополнително ја зацврстува својата позиција како водечки пазар за складирање енергија во Европската унија.

Извор: Energy-storage.news

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба