Црна Гора и ОАЕ потпишаа договор за соработка во енергетиката

Владите на Црна Гора и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) потпишаа Договор за соработка во областа на енергетиката, со кој се воспоставува стратешко партнерство насочено кон развој на обновливи извори на енергија, модерна инфраструктура и напредни технологии.

Договорот го потпишаа министерот за енергетика и рударство на Црна Гора, Адмир Шахмановиќ, и министерот за енергетика и инфраструктура на ОАЕ, Сухаил Мохамед Ал Мазруи, во присуство на премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, и претседателот на ОАЕ, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.

Според Министерството за енергетика и рударство на Црна Гора, договорот предвидува заеднички проекти од стратешко значење за Црна Гора, од изградба на соларни, ветерни и хидроелектрани, до примена на батериски системи за складирање енергија и развој технологии за производство на зелен водород.

РЕКЛАМА

Посебен акцент е ставен на поврзувањето на енергетскиот сектор со финтек решенија и вештачка интелигенција, со што Црна Гора има цел да се позиционира како регионален центар за иновации, дигитална трансформација и енергетска транзиција.

Во рамките на соработката е предвидено и основање Совет за финтек и АИ технологии на Црна Гора, кој ќе ги обедини претставниците на јавниот и приватниот сектор со цел развој на иновативни решенија, привлекување инвестиции и зголемување на економската отпорност.

„Ова партнерство потврдува дека Црна Гора е препознаена како сигурна и атрактивна дестинација за инвестиции во енергетиката и напредните технологии. Со соработката со ОАЕ отвораме ново поглавје во развојот на обновливите извори, дигиталната инфраструктура и иновациите,“ изјави министерот Шахмановиќ.

Премиерот Милојко Спаиќ, кој ja предводеше црногорската делегација во работна посета на Абу Даби, истакна дека договорот ќе овозможи нови инвестиции и дополнителен развој на стратешките сектори.

„Црна Гора и Обединетите Арапски Емирати имаат одлични односи кои сега ги продлабочуваме преку конкретни проекти во енергетиката, туризмот и технологијата. Веруваме дека ова партнерство ќе придонесе за одржлив економски раст и нови можности за двете земји,“ порача Спаиќ.

Шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан го пофали напредокот на Црна Гора во спроведувањето на реформите и создавањето поволен бизнис амбиент, оценувајќи дека земјата може да стане пример за успешен модел на одржлив развој во регионот.

Извор: Vijesti.me

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба