Скопје. 6 ноември 2025 – Според извештајот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, во рамки на пазарот ден однапред, во октомври 2025 година беа истргувани вкупно 146.498 MWh електрична енергија, по просечна цена од 7.746,24 денари, односно 125,67 евра за MWh.
Просечниот дневен обем на тргување изнесувал 4.725,7 MWh, што претставува значителна активност на берзата во однос на сезонските услови и побарувачката. Во периодот на дневен пик – од 09:00 до 20:00 часот, биле истргувани 2.768 MWh електрична енергија, по просечна цена од 8.141,7 денари или 132,1 евра за MWh.
Во споредба со септември 2025 година, кога беа истргувани 102.854,3 MWh по просечна цена од 91,66 евра/MWh, податоците за октомври покажуваат значително поинтензивна трговска динамика и поголема вредност на енергијата. Овој тренд е во согласност со сезонскиот раст на побарувачката, како и со пазарните корекции на регионално ниво кои влијаат врз ценовните движења.
Аналитичарите на енергетскиот пазар истакнуваат дека зголемената ликвидност и ценовната стабилност во рамки на пазарот „ден однапред“ ја потврдуваат улогата на берзата како клучен механизам за транспарентно и конкурентно формирање на цените, што придонесува кон поголема сигурност и предвидливост во снабдувањето со електрична енергија во земјата.

Извор: МЕМО
