Хјустон. 4 ноември 2025 – САД станаа првата земја во светот што извезла над 10 милиони метрички тони течен природен гас (ЛНГ) во еден месец, покажуваат најновите податоци на финансиската компанија LSEG.
Според извештајот, во октомври американскиот извоз достигнал 10,1 милион тони, што е зголемување од 9,1 милион тони во септември. Со тоа, САД ја зацврстија позицијата како најголем глобален извозник на ЛНГ, со четврти месечен рекорд оваа година.
Главен двигател на растот биле новите капацитети на компаниите Venture Global и Cheniere Energy. Фабриката Plaquemines во Луизијана извезла 2,2 милиони тони, значително повеќе од рекордот од 1,6 милиони во септември. Cheniere пак, преку своите терминали во Corpus Christi и Sabine Pass, извезла вкупно 4,2 милиони тони, што претставува 42% од целиот американски извоз.
Според директорот на Cheniere, Џек Фуско, кога ќе се заврши третата фаза на Corpus Christi проектот, компанијата ќе може да извезува над 50 милиони тони годишно од 2026 година. Заедно со Venture Global, двете компании учествувале со 72% во вкупниот американски извоз во октомври.
Најголемиот дел од американскиот ЛНГ, односно 6,9 милиони тони или 69% од вкупниот извоз бил насочен кон Европа, која продолжува да ги полни складиштата пред зимата. Во Азија биле испорачани 1,96 милиони тони, додека извозот кон Латинска Америка се намалил на 0,57 милиони тони поради почетокот на потоплиот период. Египет купил пет пратки со вкупно 0,43 милиони тони, а две пратки биле испратени во Сенегал.
Инаку, во октомври, природниот гас во Европа се тргувал по цена од 10,88 долари за милион британски термални единици (MMBtu) на холандскиот TTF пазар, нешто пониско од септемвриските 11,13 долари. Во Азија, на Japan Korea Marker цената изнесувала 11,11 долари. Малата разлика меѓу европските и азиските цени не создала мотив за пренасочување на американските пратки од Европа кон Азија.
Со новиот рекорд, САД го потврдуваат статусот на водечки извозник на течен природен гас, а растот на капацитетите најавува уште поголема доминација на глобалниот LNGпазар во наредните години.
Извор: Ројтерс
