Скопје. 4 ноември 2024 – Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, по официјална покана од секретарот за енергетика на Соединетите Американски Држави, Крис Рајт, ќе учествува на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC), што ќе се одржи во Атина, Грција.
Настанот го организира Владата на САД во соработка со грчкото Министерство за енергетика, и претставува една од највлијателните платформи за енергетска соработка меѓу Европа и Северна Америка.
Форумот ќе го отвори американскиот секретар за енергетика Крис Рајт, заедно со грчкиот министер за енергетика Ставрос Папастравру, а на програмата ќе учествуваат водечки личности од глобалниот енергетски сектор, претставници на меѓународни институции и енергетски компании.
Во рамки на посетата Министерката Божиновска ќе има и средба со секретарот за енергетика на САД, на која ќе се разговара за можностите за продлабочување на енергетската соработка, инвестиции во регионални енергетски коридори.
Во рамки на форумот, министерката Божиновска ќе присуствува и на прием организиран од Амбасадата на САД во Атина, на покана на амбасадорката Кимберли Гилфојл, во чест на американските секретари за внатрешни работи и енергетика и нивните тимови кои престојуваат во Грција како дел од програмата на P-TEC.
P-TEC форумот опфаќа теми како енергетската безбедност, нуклеарната технологија, инфраструктурното финансирање, природниот гас како нова карта на енергетска поврзаност во Европа и трансформацијата на енергетските системи во ерата на вештачката интелигенција.
Учеството на министерката Божиновска на овој форум е потврда за зголемениот интерес и позиционирање на Македонија во рамките на трансатлантските енергетски иницијативи, како и за континуираниот ангажман на Владата во насока на јакнење на енергетската стабилност, диверзификација на изворите и пристапот до нови технологии и инвестиции.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
