АД ЕСМ доби 1,5 милиони евра грант од ЕУ преку КфВ за забрзување на зелената транзиција

Скопје. 30 октомври 2025 – АД ЕСМ денеска потпиша Договор за грант со Германската развојна банка КфВ, со кој се обезбедуваат 1,5 милиони евра техничка помош, финансирани од Европската Унија. Средствата се наменети за зајакнување на внатрешните капацитети на компанијата и забрзување на активностите поврзани со енергетската транзиција.

Според информациите од компанијата, грантот ќе се искористи за поддршка на институционалната трансформација на АД ЕСМ, подобрување на корпоративното управување и унапредување на процесите на стратешко планирање, со цел модернизација и подготовка за новите пазарни услови во енергетскиот сектор.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, изјави дека оваа поддршка претставува значаен исчекор во насока на создавање модерна, одржлива и пазарно ориентирана компанија.

РЕКЛАМА

„Грантот од Европската Унија, овозможен преку КфВ, претставува стратешки камен-темелник за нашата институционална трансформација кон сеопфатна, зелена и пазарно-ориентирана компанија. За ЕСМ ова е повеќе од премин кон обновливи извори на енергија, туку сериозна посветеност да станеме модерна и комерцијално конкурентна сила на европскиот енергетски пазар. Финансирањето ќе биде алатка за зајакнување на нашите внатрешни капацитети и корпоративно управување, преку финансирање на критични иницијативи за моделирање и стратешко планирање. Овој институционален фокус ја осигурува нашата оперативна одржливост, ја зајакнува енергетската безбедност на земјата и значително ги забрзува нашите напори за намалување на јаглеродниот отпечаток,“ изјави Узунчев.

Од Делегацијата на Европската Унија во Скопје појаснуваат дека проектот ќе има важна улога во процесот на декарбонизација и енергетска стабилност на земјата.

„Забрзувањето на зелената транзиција никогаш не било толку блиску и толку возможно. Со поддршката од ЕУ и партнерите во KfW, земјата ќе ја забрза декарбонизацијата на енергетскиот сектор. Оваа акција има трансформативен ефект за преминување од јаглен кон зелена енергија, придонесувајќи за стабилен енергетски сектор во нестабилен климатски и геополитички свет,“ изјави Штефан Худолин од Делегацијата на ЕУ.

Поддршка за проектот изрази и Пабло Обрадор, директор за Југоисточна Европа и Турција во КфВ, кој нагласи дека клучот за успешна енергетска транзиција лежи во институционалната подготвеност и ефикасност.

„Енергетската транзиција бара подготвени енергетски компании кои ќе можат да се справат со предизвикувачките услови. Со овој проект, KfW ќе ја поддржи трансформацијата на ЕСМ, која ќе им овозможи подобро позиционирање и ќе им помогне да ја подобрат својата ефикасност и подготвеност за пазарот,“ рече Обрадор.

Со обезбедувањето на овој грант, АД ЕСМ прави уште еден конкретен чекор во насока на забрзување на зелената транзиција, зголемување на енергетската ефикасност и усогласување со европските стандарди за одржлива енергија и корпоративно управување.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба