Божиновска: Време е за храбри одлуки – енергетската транзиција мора да биде фер и инклузивна

Скопје. 28 октомври 2025 – „Енергетската транзиција не е трка меѓу држави, туку заедничко патување. Иднината припаѓа на оние што имаат храброст да носат долгорочни одлуки,“ порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во своето обраќање на отворањето на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), што се одржува во Скопје.

Пред бројната домашна и меѓународна публика, министерката Божиновска зборуваше за новата енергетска реалност, предизвиците на транзицијата и улогата на Македонија во создавањето на сигурни и одржливи енергетски системи.

„Енергетската отпорност денес значи способност системот да издржи, да се прилагоди и да продолжи да функционира дури и во услови на глобална неизвесност. Зависноста од еден извор или снабдувач е ризик од минатото – иднината припаѓа на диверзифицирани, одржливи и сигурни решенија,“ нагласи Божиновска.

РЕКЛАМА

Таа потенцираше дека транзицијата не е само технолошки, туку и општествен процес, кој бара храброст, визија и подготвеност за вложување во иднината.
„Оваа промена бара да се преиспита начинот на кој живееме, произведуваме и користиме енергија. Не можеме да очекуваме резултати преку ноќ, но можеме да создадеме стабилна и праведна основа за следните генерации,“ истакна министерката.

Божиновска испрати и јасна порака дека не верува во „големи зборови без дела“, туку во соработка и чесна намера:
„Верувам во стабилни партнерства, транспарентност и одговорност. Кога тие постојат, и најкомплицираните проекти се реализираат без застој.“

Во својот говор таа ја нагласи и важноста на новите технологии и вештачката интелигенција во оптимизацијата на енергетските системи, но предупреди дека фокусот мора да остане на човекот:
„Технологијата и вештачката интелигенција се наш сојузник, но не смееме да дозволиме машините да станат поважни од луѓето. Енергијата мора да ја користиме паметно, за подобар живот, не само за поголема ефикасност.“

ФОТО / МЕРМС

Министерката ја истакна новата насока на Владата во енергетиката: градење на интерконектори со Грција и Србија, модернизација на преносната мрежа и инвестиции во дигитализација и складирање на енергија.
„Тоа не се само инфраструктурни проекти – тоа се мостови на сигурност, стабилност и европска интеграција,“ нагласи таа.

Таа го заокружи говорот со порака дека енергетската иднина зависи од денешните одлуки и дека Скопје денес е место каде зборовите се претвораат во акција.

На форумот, на кој учествуваат околу 500 претставници од близу 70 земји, ќе биде усвоена Скопската декларација – документ кој, според Божиновска, ќе биде „траен белег на заедничката волја да ја направиме енергетската иднина поправедна, почиста и посигурна“.

„Сигурна сум дека оваа декларација ќе ја зацврсти позицијата на Македонија на енергетската светска мапа, како рамноправен партнер и двигател на позитивни промени,“ порача министерката, посакувајќи им добредојде на сите учесници во Скопје.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба