Москва. 27 октомври 2025 – Руската нафтена компанија „Лукоил“, втора по големина во земјата, најави дека ќе ги продаде своите меѓународни активи како одговор на најновите санкции што минатата недела ги воведоа САД и Велика Британија поради руската инвазија врз Украина.
Во соопштението од компанијата со седиште во Москва се наведува дека процесот на продажба ќе се спроведе под лиценца за постепено повлекување издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства на САД (OFAC). „Лукоил“ додава дека, доколку е потребно, ќе побара продолжување на лиценцата за да обезбеди непречено функционирање на своите странски операции.
„Процесот на разгледување понуди од потенцијални купувачи е веќе започнат“, стои во соопштението на компанијата.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 22 октомври воведе санкции против „Лукоил“ и државната „Роснефт“, а неколку дена претходно Британија ги таргетираше истите компании, како и 44 танкери со нејасна сопственост, во обид да го ограничи извозот на руска нафта и да ги намали приходите на Кремљ.
„Лукоил“, кој учествува со околу 2% во глобалното производство на нафта, не откри кои актива ќе бидат опфатени со продажбата. Најзначајното странско вложување на компанијата е нафтеното поле „Вест Курна 2“ во Ирак, едно од најголемите во светот, каде што „Лукоил“ поседува 75% удел.
Компанијата е сопственик и на рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ во Бугарија, најголема на Балканот, како и на рафинеријата „Петротел“ во Романија. „Лукоил“ исто така снабдува со нафта неколку европски земји, меѓу кои Унгарија, Словачка и Турција, и има удели во терминали, малопродажни синџири и енергетски проекти во Европа, Централна Азија, Африка и Латинска Америка.
Според аналитичарите, оваа најавена продажба претставува најзначајниот потег досега на руска компанија како директна последица од западните санкции воведени поради војната во Украина.
Извор: Ројтерс
