Брисел. 27 Октомври 2025 – Европската комисија минатата недела го назначи Клаус-Дитер Борхард за европски координатор за енергетска поврзаност на Централна и Југоисточна Европа. Борхард, кој е поранешен заменик-генерален директор на Комисијата задолжен за енергетски пазари, е искусен експерт во областа и ќе има клучна улога во справување со енергетските предизвици на регионот.
Регионалната енергетска мрежа се соочува со структурни промени и зголемена потреба од интеграција на различни енергетски извори, како и со процесот на декарбонизација на гасниот систем. Овие предизвици се дополнително нагласени поради географската близина со Украина и Молдавија и поранешната зависност од увоз на руска енергија.
Главната задача на координаторот ќе биде зајакнување на регионалната интерконективност, унапредување на регулаторната рамка што ќе обезбеди интеграција на пазарите, ефикасно користење на инфраструктурата и достапни цени, во согласност со правилата на Европската унија. Дополнително, тој ќе работи на зголемување на сигурноста на снабдувањето со енергија и диверзификација на изворите во регионот.
Борхард ќе го координира развојот на проекти од заеднички интерес (PCI) согласно Регулативата за трансевропски енергетски мрежи (TEN-E), како и иницијативите под рамката на Високата група за енергетска поврзаност на Централна и Југоисточна Европа (CESEC).
Регулативата TEN-E (ЕУ/2022/869) ѝ овозможува на Европската комисија, во согласност со земјите-членки, да назначи координатори за следење на стратешки енергетски проекти. Минатата година беше назначен координатор за проектот за синхронизација на балтичките држави.
CESEC, основан во 2015 година, ги обединува земјите-членки на ЕУ — Австрија, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Италија, Романија, Словачка и Словенија — како и државите од Енергетската заедница, меѓу кои се Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Молдавија, Македонија, Србија и Украина.
Првично, CESEC се фокусираше на диверзификација на снабдувањето со гас и развој на регионални гасни пазари, но од 2017 година нејзината мисија е проширена и на електроенергетскиот сектор, обновливите извори и енергетската ефикасност. Целта е создавање интегриран, одржлив и безбеден енергетски пазар во регионот, усогласен со европските стандарди.
Извор: Европска комисија
