Брисел. 22 октомври 2025 – Европската комисија најави нов сет од седум конкретни мерки со цел да ги намали цените на енергенсите и да обезбеди брзо олеснување за индустријата и граѓаните во Унијата.
И покрај забележливиот напредок од спроведувањето на Планот за достапна енергија (COM/2025/79), енергетските цени во Европа сè уште се повисоки од оние на глобалните конкуренти, што ја загрозува конкурентноста на европската индустрија и животниот стандард на граѓаните.
Комесарот за енергетика и домување, Дан Јоргенсен, изјави дека Комисијата презема мерки уште од првиот ден, но дека е потребно „да се засилат напорите и да се обезбедат конкретни решенија што ќе донесат брзо олеснување за домаќинствата и компаниите, особено за енергетски интензивните индустрии“.
Седум клучни мерки за поевтина енергија
Комисијата ги повикува земјите членки:
- Да го искористат подобрениот рамковен систем за државна помош (CISAF) за поддршка на индустриите и нивна декарбонизација;
- Да ги активираат средствата од Кохезиските фондови за инвестиции во национални електромрежи и складишни капацитети, со поддршка од Комисијата при дизајнирањето на проектите;
- Да ги поттикнат индустриските компании да соработуваат со Европската инвестициска банка и националните банки преку договори за набавка на електрична енергија (PPAs), вклучително и преку нова пилот-програма од 500 милиони евра;
- Да го забрзаат процесот на издавање дозволи за проекти во обновливи извори, складишта и електромрежи, согласно ревидираната Директива за обновлива енергија;
- Да ги подобрат прекуграничните енергетски врски, во рамки на новата иницијатива „Енергетски автопати“ што ќе ги адресира осумте најголеми тесни грла во европската енергетска мрежа;
- Да ја засилат диверзификацијата на снабдувањето со гас, преку нов механизам за заедничка набавка во Југоисточна Европа, во соработка со партнери како САД, Норвешка и Катар;
- Да го разгледаат намалувањето на даноците за електрична енергија, кои сочинуваат и до една третина од вкупната сметка, особено за ранливите категории и енергетски интензивните индустрии.
Комисијата нагласи дека овие мерки се надоврзуваат на успешните практики од изминатите години и дека ќе продолжи тесно да соработува со земјите членки за справување со високите енергетски трошоци.
Извор: Европска комисија
