Онлајн Водич за декарбонизација – нова поддршка за малите и средни претпријатија во зелената транзиција

Скопје, 22 октомври 2025 – Малите и средни претпријатија во земјава добиваат нова поддршка за полесен премин кон зелена и нискојаглеродна економија. Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската Унија и Министерството за енергетика, денеска го претстави првиот онлајн Водич за декарбонизација, наменет за компаниите што сакаат да ги намалат своите емисии и да се усогласат со новите европски стандарди.

Водичот нуди практични насоки, калкулатор за јаглероден отпечаток и информации за можности за финансирање на зелени проекти. Тој треба да им помогне на компаниите да се подготват за примената на правилото „загадувачот плаќа“, кое Европската Унија ќе го воведе од 1 јануари 2026 година.

Министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси, Сања Божиновска, нагласи дека новите регулативи претставуваат предизвик, но и можност за македонската економија.
„Овој водич доаѓа во вистински момент. На компаниите им требаат конкретни информации и алатки за да се прилагодат на промените што доаѓаат. Сè уште немаме целосно јасна слика како точно ќе се пресметува јаглеродниот данок, но досегашните разговори покажуваат дека ќе се зема предвид вкупниот енергетски микс на државата. Тоа е важно, затоа што околу 40% од нашето производство на електрична енергија веќе доаѓа од обновливи извори,“ изјави Божиновска.

РЕКЛАМА

Таа додаде дека Министерството активно работи со ЕУ и соседните земји на можни модели за транзициски период и усогласување на пазарите.
„Сакаме нашите компании да имаат фер услови и доволно време за прилагодување. Следната недела ќе имаме состанок со претседателот на Европската енергетска заедница, Артур Лорковски, за да ги разјасниме сите детали,“ рече министерката.

Претставникот на Европската инвестициска банка во земјава, Бјорн Габриел, истакна дека свесноста кај македонските компании за придобивките од зелената економија расте, но дека сè уште има простор за напредок.
„Нашите истражувања покажуваат дека околу 40% од компаниите сè уште немаат доволно информации за тоа што значи зелена транзиција. Но, охрабрувачки е што речиси една третина веќе гледаат конкретни економски придобивки – поголема конкурентност, раст на приходите и намалени трошоци. Тоа значи дека зелените инвестиции не се трошок, туку паметна бизнис одлука,“ рече Габриел.

Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, нагласи дека комората ќе продолжи да им помага на своите членки во процесот на прилагодување кон новите стандарди.
„Транзицијата кон декарбонизација не е едноставна, ниту брза. Но, тоа е процес што мора да се случи. Нашата улога е компаниите да не бидат оставени сами – да имаат пристап до информации, обуки и финансиска поддршка. Ќе работиме со Владата и меѓународните партнери за да создадеме услови овој премин да биде одржлив и фер,“ истакна Пешев.

Онлајн Водичот е достапен на decarbonisation.mchamber.mk. Платформата содржи калкулатор за јаглероден отпечаток, информации за регулативите на ЕУ и домашните закони, примери од успешни компании и преглед на можности за субвенции и други форми на поддршка.

Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, оцени дека македонските компании имаат потенцијал да бидат двигатели на зелената економија.
„Северна Македонија покажа дека има волја и визија за зелена иднина. Но, сега е време визијата да се претвори во конкретни акции – особено меѓу малите и средните фирми. Ако секое претпријатие направи барем неколку чекори кон одржливост, заедничкиот ефект врз економијата ќе биде огромен,“ истакна Рокас.

Со новиот Водич за декарбонизација, Македонија прави уште еден конкретен чекор кон исполнување на своите климатски цели и приближување кон европските стандарди за зелена и конкурентна економија.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба