Скопје. 22 октомври 2025 – Македонија и Скопје од 28 до 30 октомври ќе бидат центар на светската енергетска заедница, како домаќини на 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14). Настанот ќе обедини повеќе од 700 учесници од над 60 земји, меѓу кои креатори на политики, претставници на меѓународни организации, бизнис лидери, академици и експерти, со цел да се продлабочи глобалната соработка во насока на чиста, праведна и одржлива енергетска иднина.
На вчерашниот брифинг, министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска истакна дека форумот е значаен чекор за меѓународната позиција на државата.
„Со IFESD-14, Скопје се впишува на енергетската мапа на Европа и светот. Се очекува, настанот да резултира со усвојување на „Декларацијата Скопје“ – заеднички документ со Обединетите нации, кој ќе ги постави темелите за идниот одржлив развој на глобалниот енергетски сектор,“ изјави Божиновска.
Форумот, кој се одржува под мотото „Од цели до акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“, ќе се фокусира на трансформација на меѓународните обврски во конкретни мерки и резултати. Програмата на форумот, опфаќа пленарни сесии и специјализирани работилници на теми како енергетска безбедност, дигитализација, финансирање на зелени проекти, управување со критични суровини и праведна транзиција на работната сила.
Настанот е заеднички организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) и петте регионални економски комисии на ОН. Форумот, инициран во 2010 година, веќе се етаблираше како водечка глобална платформа за дијалог за одржлива енергија и ги поврзува сите региони во светот во потрага по решенија за енергетската транзиција.
Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП во земјата, нагласи дека настанот е можност за Македонија да ги зајакне своите капацитети и партнерства:
„Иако земјата сè уште голем дел од енергијата ја обезбедува од термоелектрани, видливи се позитивни промени. Форумот ќе овозможи размена на искуства со повеќе од 300 водечки експерти и отвора нови перспективи за инвестиции и соработка,“ рече Григоријан.
Посебен акцент годинава ќе биде ставен на улогата на младите и жените во енергетската индустрија, како и на интегрираното управување со ресурсите храна-вода-енергија, тема што станува сè поактуелна во контекст на климатските промени.
Организаторите потенцираат дека целта на IFESD-14 не е само размена на добри практики, туку и поддршка на владите и индустриите во дефинирање на конкретни чекори кон постигнување на Целта 7 за одржлив развој – обезбедување чиста и достапна енергија за сите.
Форумот во Скопје се очекува да биде клучна пресвртница за усогласување на регионалните и глобалните иницијативи во насока на спроведување на Агендата 2030 и забрзување на преминот кон зелена економија.
Енергетика 24