Електродистрибуција со инвестиции од над 10 милиони евра за модерна и посигурна нисконапонска мрежа

Во насока на создавање поефикасен, стабилен и модерен енергетски систем, „Електродистрибуција“, дел од австриската енергетска група EVN, во првите шест месеци од 2025 година реализираше инфраструктурни проекти во вредност од 10,4 милиони евра. Средствата се наменети за модернизација, реконструкција и проширување на нисконапонската мрежа низ целата држава.

Според соопштението на компанијата, во рамките на овие активности биле изградени 135 километри нова нисконапонска мрежа, заменети стари и дотраени столбови и проводници, а на повеќе локации биле инсталирани современи уреди за далечинско мерење. Новите уреди овозможуваат континуирано следење на потрошувачката и побрза детекција на дефекти, што значително го подобрува управувањето со дистрибутивната мрежа и ја зголемува нејзината енергетска ефикасност.

„Нашата мисија е да создадеме сигурна и стабилна инфраструктура што ќе може да одговори на растечките потреби на домаќинствата и индустријата. Со овие проекти не само што ја подобруваме стабилноста и квалитетот на снабдувањето, туку и ги намалуваме техничките загуби, што е од суштинско значење за одржливиот развој на енергетскиот сектор“, велат од компанијата.

РЕКЛАМА

Дополнително, до крајот на 2025 година, „Електродистрибуција“ планира нови инвестиции од околу 2 милиони евра, со приоритет на руралните и приградските средини, каде што модернизацијата на мрежата директно ќе влијае врз квалитетот на живот на жителите.

„Инвестираме не само во нова опрема, туку и во сигурноста на енергетската иднина. Новите технологии овозможуваат побрза реакција при дефекти, намалување на времето на прекини и подобра заштита на мрежата. Со тоа се зголемува сигурноста и довербата на потрошувачите во системот“, нагласуваат од компанијата.

Со континуирани вложувања во инфраструктура, дигитализација и иновативни решенија, „Електродистрибуција“ го зајакнува својот капацитет за управување со дистрибутивната мрежа и поставува стабилна основа за идниот развој на електроенергетскиот систем во Северна Македонија.

Компанијата истакнува дека и во наредниот период ќе продолжи со интензивна работа на проектите за обновување на мрежата, со цел создавање поодржлив, сигурен и технолошки напреден енергетски систем за сите корисници.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба