Скопје. 14 октомври 2025 – АД ЕСМ информира дека од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026 година за сите потрошувачи приклучени на системите за централно греење во градот Скопје.
Преку двата системи со кои управува компанијата се опфатени околу 66.000 активни потрошувачи, од кои 65.000 домаќинства и повеќе од 1.000 деловни објекти, вклучувајќи болници, здравствени домови, училишта и детски градинки.
Од ЕСМ објаснуваат дека испораката на топлинска енергија ќе се врши секојдневно според строго утврдени правила, кои зависат од временските услови и надворешните температури. Во октомври и првата половина на ноември, кога временските промени се почести, испораката ќе се регулира динамично – ќе се зголемува при пониски температури, а ќе се намалува или прекинува при потопло време. Ваквиот начин на регулирање, според компанијата, овозможува оптимална потрошувачка на енергија и пониски трошоци за граѓаните.
Во известувањето, ЕСМ посочува и дека систем операторот НОМАГАС најавил привремен прекин на испораката на природен гас кон земјава во периодот од 13 до 17 октомври, поради ремонтни активности на регионалните транспортни системи и гасоводот „Турски тек“.
„Очекуваме расположливите количини на гас во преносниот систем да бидат доволни за обезбедување квалитетна испорака на топлинска енергија. Доколку сепак се појават ограничувања, можно е да има незначителни редукции во испораката од 15 до 17 октомври, без значително влијание врз комфорот на потрошувачите,“ соопштуваат од компанијата.
ЕСМ апелира до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги подготват објектите за почетокот на грејната сезона – да ги отстранат евентуалните дефекти на внатрешните инсталации, да обезбедат пристап до топлинските станици и редовно снабдување со електрична енергија.
Компанијата ги потсетува граѓаните дека информации за тековни дефекти и санации на мрежата се објавуваат навремено на веб-страницата на ЕСМ Снабдување, во делот „Затворени објекти“.
За сите дополнителни информации, пријави или известувања, потрошувачите можат да се обратат во Центарот за грижа на потрошувачи на ЕСМ Снабдување на телефоните 02/3076-200 и 075/400-100, како и во службите на ЕСМ Енергетика на броевите 02/3104-816 и 02/3104-872.
Извор: АД ЕСМ