Рекорден увоз на течен природен гас во Германија

Берлин. 14 октомври 2025 – Увозот на течен природен гас (ЛНГ) во Германија достигна рекордно ниво, покажуваат податоците на германскиот регулатор за енергетска мрежа BNetzA. Во третото тримесечје од 2025 година е забележано најголемото количество гас вбризгано во германската мрежа од отворањето на првиот LNG терминал во Вилхелмсхафен кон крајот на 2022 година.

Според податоците, на германските брегови оваа година е испорачан повеќе LNG отколку во која било од претходните години. До крајот на септември, Германија увезе околу 74 терават-часови (околу 7,0 милијарди м³) течен гас, од кои 35 терават-часови (околу 3,3 милијарди м³) се испорачани само во третото тримесечје. За споредба, во текот на целата 2024 година увозот изнесувал 69 терават-часови (околу 6,5 милијарди м³), а во 2023 година околу 70 терават-часови (околу 6,6 милијарди м³).

BNetzA наведува дека уделот на ЛНГ во вкупниот увоз на гас во Германија пораснал од 8% во првата половина од 2025 на 13,25% во третото тримесечје, што дава просек од 10,9% за првите девет месеци од годината.

РЕКЛАМА

Најголем дел од испораките – 33 од вкупно 35 терават-часови во третото тримесечје – дошле преку трите терминали на брегот на Северното Море, додека остатокот бил обработен преку терминалот кај островот Риген во Балтичкото Море. Во второто тримесечје токму Риген го имал најголемиот обем на испораки, но според операторот Deutsche Regas, работите за продлабочување и проширување на пристаништето привремено ги ограничиле капацитетите. Компанијата очекува нормализирање на снабдувањето во четвртото тримесечје.

Стручњакот за гас Себастијан Гулбис од консултантската куќа Enervis наведува дека зголемувањето на увозот се должи на повеќе фактори. „Од една страна, во август беа додадени нови капацитети – специјализираниот брод Excelsior, вториот пловечки ЛНГ терминал во Вилхелмсхафен, започна со комерцијална работа,“ објаснува тој.

Дополнително, на 1 јануари 2025 година истекоа руските договори за транспорт на гас кон Австрија, што придонесе Германија повторно да стане значаен транзитен центар. „Австрија, Чешка, Швајцарија, како и делови од Унгарија, Словачка и Словенија сега се снабдуваат преку Германија,“ истакнува Гулбис.

Во моментов Германија располага со четири ЛНГ терминали – три на брегот на Северното Море (Вилхелмсхафен, Брунсбител и вториот терминал Excelsior) и еден во Балтичкото Море кај Риген.

Германската влада го забрза развојот на ЛНГ инфраструктурата по руската инвазија врз Украина, со цел да ја намали зависноста од рускиот гас. Според Гулбис, овие терминали се „клучен столб“ на германското и европското енергетско снабдување. „Повеќе нема да зависиме речиси исклучиво од гасоводите. ЛНГ ќе остане важен дел од енергетската стратегија,“ вели тој.

Иако Германија и понатаму добива значителен дел од гасот преку гасоводи од Норвешка, ЛНГ стана неопходен елемент во снабдувањето. Гулбис посочува дека САД и Блискиот Исток ќе продолжат да бидат клучни добавувачи.

Европската Унија се соочува со критики заради продолженото купување на руски ЛНГ, со што индиректно се финансира војната во Украина. Сепак, Гулбис смета дека руски ЛНГ не се увезува преку германските терминали. „Иако нема ембарго за руски гас во ЕУ, договорите за германските терминали се склучени неодамна, а движењата на танкерите не укажуваат на такви испораки. Сметам дека тоа е малку веројатно,“ нагласува тој.

Извор: Finance.yahoo.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба