САД воведоа санкции за НИС – Вучиќ предупредува на тешки последици.

Белград, 9 октомври 2025. Од утрово официјално стапија на сила американските санкции кон „Нафтната индустрија на Србија“ (НИС), компанија со мнозинско руско сопствеништво. Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД не ја продолжи специјалната лиценца што ѝ овозможуваше на НИС непречено деловно работење, потврди компанијата во соопштение издадено во 6 часот изутрина.

НИС: Редовно снабдување и стабилност за вработените

Од НИС соопштија дека, и покрај новонастанатите околности, приоритети остануваат редовното снабдување на домашниот пазар со нафтени деривати и зачувувањето на социјалната стабилност на вработените.

„НИС обезбеди доволни резерви на сурова нафта за преработка, а бензинските станици се уредно снабдени со сите видови деривати,“ наведува компанијата, додавајќи дека платниот промет во динари функционира без застој.

РЕКЛАМА

Во случај на прекин во работењето на странските платежни картички (Visa, MasterCard), плаќањето на бензинските пумпи ќе биде можно со домашната Dina картичка, готовина или преку IPS системот. Плаќањето со картичките „Со нас на пат“, „Агро“ и „Такси“ останува непречено.

НИС, која од јануари се наоѓа на SDN листата на САД, соопшти дека останува во контакт со Министерството за финансии на САД во врска со барањето за отстранување од листата. Според компанијата, процесот на „делистирање“ е долг и комплексен, но соработката со Владата на Србија и акционерите продолжува со цел да се пронајде излез од кризата.

Вучиќ: Санкциите се тешка вест за Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека воведувањето на американските санкции ќе има „тешки последици“ по земјата.

„Ова е лоша, но очекувана вест. Тоа не е прашање на функционирање на една компанија, туку на целата држава – во политичка, економска и социјална смисла,“ изјави Вучиќ во вонредно обраќање до јавноста.

Тој објасни дека, без дополнителен увоз на нафта, рафинеријата во Панчево ќе може да работи до 1 ноември. Сепак, според него, Србија е добро подготвена за ваков развој на настаните.

„Луѓето не треба да паничат. Имаме 342 илјади тони дизел и 66 илјади тони бензин во резерви. Сите складишта се преполни, а снабдувањето со гориво е загарантирано барем до Нова година,“ рече Вучиќ, додавајќи дека и во топланите и во Електростопанството на Србија има доволни количини мазут за зимскиот период.

Прекин со Хрватска, нови договори во подготовка

Вучиќ потврди дека хрватската компанија JANAF го прекинала дотокот на нафта кон Србија поради стапувањето на сила на санкциите, но најави дека државата активно работи на пронаоѓање нови снабдувачи.

„Ќе продолжиме разговори и со американските и со руските партнери за да најдеме решение. Утрово имав разговор со рускиот амбасадор, а очекуваме и реакција од Москва,“ изјави Вучиќ.

Тој најави формирање на работна група за справување со последиците од санкциите, чиј член ќе биде и самиот претседател.

Политичка порака и енергетска зависност

Санкциите против НИС се дел од поширокиот пакет мерки на Вашингтон насочени кон ограничување на финансирањето на руската воена индустрија. Компанијата е ставена на SDN листата поради „висок степен на руски капитал и секундарен ризик“.

Србија, која останува силно енергетски зависна од Русија, досега избегнуваше да се усогласи со западните санкции против Москва, и покрај повиците од Брисел и Вашингтон.

На прашање за изјавата на хрватскиот министер за економија дека Хрватска е подготвена да го купи НИС, Вучиќ иронично одговори дека Србија, пак, е заинтересирана да ја купи „Хрватската електропривреда“ и „Јадрански нафтовод“.

„Благодарни сме за понудата, но прво ќе разговараме со руските партнери,“ нагласи српскиот претседател.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба