Охрид. 6 октомври 2025 – Во Охрид изминатиот викенд заврши шеснаесеттото стручно советување со меѓународно учество „Подекс-Повекс 25“, организирано од Здружението на рударски и геолошки инженери на Република Македонија. Настанот ги обедини водечките експерти од земјата и регионот, кои преку панели и научни трудови дебатираа за иднината на рударството со акцент на науката, иновациите и одржливоста.
„Рударството е клучна компонента на економската и технолошката трансформација што може да ја одведе Македонија кон поодржлива и поиновативна иднина,“ изјави Горан Сарафимов, претседател на здружението. Тој нагласи дека индустријата е во процес на премин од традиционални кон модерни, дигитални и зелени практики, поддржани со кредитни линии и меѓународни проекти за дигитализација, автоматизација и воведување на современи технологии.

Посебно внимание привлече присуството на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која заедно со својот тим се сретна со учесниците и дискутираше за клучните предизвици во секторот. Таа нагласи дека Владата работи на создавање услови за инвестиции во модернизација на рударската опрема, развој на кадри и одржливо управување со ресурсите.
„Наш приоритет е да создадеме рамка за побрза дигитална трансформација и зелена транзиција во рударството. Македонија има потенцијал да стане пример за модерно и одговорно искористување на минералните суровини,“ истакна Божиновска, додавајќи дека министерството веќе обезбедува поддршка преку програми за одржливост и преквалификација на стручниот кадар.
Советувањето се одржа во два главни панела: „Научни предизвици и современи истражувачки тенденции во рударството“, со акцент на улогата на академската заедница, и „Патот кон одржлив развој во рударството“, каде се отворија прашања за енергетската транзиција, управувањето со ресурси и примената на ESG-принципите.
Учесниците имаа можност да следат презентации на научни трудови со конкретни иновации – од дигитализација на рударските процеси, преку нови модели за геоморфолошки анализи, до био-сензори за мониторинг на здравјето на рударите, како дел од напорите за модернизација и подобра безбедност.
Настанот заврши со доделување признанија за достигнувања во 2025 година, потврдувајќи ја улогата на „Подекс-Повекс“ како водечка регионална платформа за размена на знаење и искуства за иднината на рударството и геологијата.
Енергетика 24