Брисел. 3 октомври 2025 – Секторот за сончева енергија во Европската унија првпат по речиси една деценија бележи пад на бројот на работни места, покажува најновиот извештај на SolarPower Europe.
Во 2024 година, во индустријата за сончева енергија биле вработени рекордни 865.000 лица – пораст од 5% во однос на претходната година. Најголемиот дел од работните места (86%) биле создадени во сегментот за инсталација на соларни системи. Но оваа година се очекува пресврт: бројот на вработени ќе се намали за околу 5%, на приближно 825.000. Причини за падот се забавениот раст на пазарот – очекуван пад од 1,5% – како и ладењето на домашниот сегмент и проблеми со производството под силна глобална конкуренција.
Амбициозната цел на ЕУ, еден милион работни места до 2027 година – сега изгледа недостижна. Според новите прогнози, таа ќе се оствари дури околу 2030 година. До 2029 година бројот на вработени се предвидува да достигне 916.000, значително под првичните очекувања.
Германија останува лидер со 128.000 работни места во секторот, иако лани забележа пад од 17%. Шпанија, со 122.000 вработени, ја надмина Полска и се наоѓа на второ место, а следуваат Италија и Франција. Полска падна на четвртото место поради слабеењето на пазарот на домашни фотонапонски електрани. Според SolarPower Europe, Италија до 2029 година ќе ја престигне Шпанија поради постабилен раст и фокус на големи проекти. Романија и Унгарија остануваат меѓу водечките седум земји.
Извештајот предупредува и на потребата од посилни политики за обука и вработување за стабилност на секторот. Се препорачува создавање Европски центар за соларни вештини, стабилно финансирање за обуки, договори за преквалификација и кампањи за привлекување млади во технички професии. Меѓу препораките се и воведување Европска соларна компетентна картичка, промоција на родова рамноправност и инвестиции во дигитални и AI обуки.
За понатамошен раст, SolarPower Europe нагласува дека клучно ќе биде зголемувањето на флексибилноста на електроенергетските системи – преку паметни мрежи, батериски складишта и прилагодлива потрошувачка – за поефикасна интеграција на сончевата енергија во мрежата.
Извор: SolarPowerEurope.org