Скопје. 1 октомври 2025 – „ЕСМ Снабдување“ ја информира јавноста дека од 2 октомври 2025 година започнува грејната сезона 2025/2026 за сите корисници приклучени на системот за централно греење во Скопје.
Иако грејната сезона официјално почнува на 15 октомври, регулативата овозможува нејзино порано стартување доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или пониска од 12˚С. Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, за 2 октомври е прогнозирана температура од 10˚С, со што се исполнети условите за производство и испорака на топлинска енергија согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
До 15 октомври, на веб-страницата на „ЕСМ Снабдување“ секојдневно ќе се објавува информација дали постојат услови за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.
Од компанијата апелираат до корисниците навремено да ги завршат сите поправки на своите внатрешни грејни инсталации, да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
Списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина е достапен на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, граѓаните можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.
Извор: ЕСМ Снабдување