„Great British Energy“ – Британија стартува со јавна компанија за чиста енергија и нови работни места

Лондон. 16 септември 2025 – Владата на Обединетото Кралство ја претстави стратегијата за „Great British Energy“, новата државна компанија која треба да стане двигател на чистата енергетска транзиција и да обезбеди илјадници нови работни места, економски раст и стабилни цени на струјата за граѓаните.

Државниот секретар за енергија Ед Милибанд денеска ја изложи визијата за компанијата, основана со законот усвоен во мај, со која Британија ќе „си ја врати контролата врз сопственото енергетско снабдување“.

„Време е повторно да произведуваме и да поседуваме во Британија. „Great British Energy“’ ќе биде национален шампион што ќе ги искористи богатите природни ресурси на земјата и ќе ги стави работниците и заедниците во центарот на енергетската транзиција,“ изјави Милибанд.

РЕКЛАМА

Компанијата досега инвестираше околу 200 милиони фунти во соларни панели и обновливи извори на училишта, болници и јавни згради ширум земјата. Првите резултати веќе носат значителни заштеди на сметките за струја на јавните служби. Дополнително, само годинава се одобрени 180 милиони фунти за покривни соларни системи на училишта и здравствени установи, кои во следните три децении ќе заштедат околу 400 милиони фунти.

Локалните заедници, пак, добија 10 милиони фунти за чисти енергетски проекти на јавни објекти – од домови за стари лица до библиотеки и спортски центри – со очекувани заштеди од 35 милиони фунти.

„Great British Energy“ ќе дејствува како инвеститор, развивач и сопственик на нови енергетски капацитети – од ветерници до соларни паркови – во соработка со приватниот сектор, локалните власти и заедничките енергетски иницијативи.

Владата постави амбициозна цел компанијата до 2030 година да стане самоодржлива и да остварува профит, кој целосно ќе се реинвестира во нови чисти енергетски проекти.

Извршниот директор на компанијата, Ден МекГреил најави инвестиција од 1 милијарда фунти во домашните синџири на снабдување, која треба да ослободи дополнителни милијарди инвестиции и да отвори илјадници добро платени работни места.

„Наша цел е Британија да стане мотор на зелен раст. Со партнерства како оние со Националниот фонд за богатство, ‘The Crown Estate’ и индустријата за офшор ветерници, ќе развиваме нови технологии и ќе обезбедиме енергија произведена дома,“ изјави МекГреил.

Стратегиските приоритети на компанијата се усогласени и со децентрализираните влади во Велс, Шкотска и Северна Ирска. Планот предвидува не само намалување на зависноста од глобалните пазари на фосилни горива, туку и постојано вклучување на граѓаните и локалните заедници во креирањето на енергетската иднина.

Со овој проект Британија испраќа јасна порака: транзицијата кон чиста енергија е и економска можност, а јавната сопственост може да биде клучот за стабилни цени, нови инвестиции и безбедна иднина за потрошувачите.

Извор: Gov.uk

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба