Божиновска: Ред во изградбата на нови енергетски капацитети

Скопје. 10 септември 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини започнува со практичната примена на Законот за енергетика и воведува транспарентен, јасен и предвидлив процес за планирање на развојот на енергетскиот систем во Република Северна Македонија.

За прв пат ќе биде изготвен Годишен план за развој на енергетскиот систем, кој ќе ги дефинира насоките за изградба на нови објекти, зајакнување на енергетските мрежи, како и развој на нови енергетски објекти каде што државата ќе се јави како инвеститор, со цел стабилизација на системот и зголемување на безбедноста во снабдувањето со електрична енергија.

На интернет-страницата на Министерството се објавени сите потребни документи за доставување иницијативи за развој на енергетски проекти. Со тоа започнува практичната примена на Законот за енергетика и се воспоставува транспарентен, јасен и предвидлив процес за планирање на развојот на енергетскиот систем.

РЕКЛАМА

Овој процес е од особена важност за државата, затоа што обезбедува конкретна слика за приоритетите во развојот на енергетските капацитети и овозможува стратешко насочување на инвестициите, со цел стабилно снабдување со електрична енергија и правна сигурност за инвеститорите.

Министерката Сања Божиновска истакна:

„Со овој транспарентен процес, секој потенцијален инвеститор ќе има јасна слика за потребите и приоритетите на нашата држава. Секоја иницијатива ќе биде детално технички обработена, со јасно дефинирани можности за приклучок и потребните зајакнувања на мрежата. Нашата цел е енергетскиот систем да се развива одржливо и да обезбедува стабилно снабдување за сите граѓани.“

На интернет-страницата на Министерството е објавено детално објаснување за тоа што е потребно за поднесување на иницијатива:
Документ за поднесување иницијатива

На сајтот се достапни и сите технички и административни документи, поделени според видот на капацитетите. Целта е да се олесни процесот за потенцијалните инвеститори, да се обезбеди навремена подготовка за апликација и да им се овозможи на сите заинтересирани да ги планираат своите инвестиции врз основа на јасна слика за приоритетите на државата.

Што значи ова за инвеститорите?

  • Проектите уште во рана фаза ќе бидат детално технички обработени;
  • ќе се дефинираат потребните интервенции во дистрибутивната и преносната мрежа;
  • за секоја иницијатива ќе се изготват варијанти за приклучок, а потребните зајакнувања и надградби на енергетските системи ќе се презентираат јасно и транспарентно, заедно со роковите за реализација;
  • ќе се елиминираат несигурностите околу приклучувањето на проектите кон мрежата;
  • ќе се обезбеди правна сигурност за инвеститорите и предуслови за финансиска поддршка од институциите.

Секој инвеститор – приватна компанија, физичко лице, општина или јавно претпријатие – има можност да достави иницијатива. Секоја иницијатива ќе биде анализирана според:

  • видот на технологијата за производство на електрична енергија;
  • техничките и технолошките карактеристики на опремата;
  • инсталираната моќност и балансниот капацитет;
  • регионот на реализација и можностите за приклучок кон енергетските системи.

Рок за доставување иницијативи за 2026 година: 30 септември 2025 година.

По завршување на рокот ќе биде изготвен Годишен план за развој на енергетскиот систем.

Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба