Вашингтон. 22 август 2025 – Сончевата енергија годинава ќе биде доминантниот извор на нови енергетски капацитети во САД, со удел од над половина од вкупно планираните 64 гигавати, покажува извештајот на Американската агенција за енергетска информација (EIA).
Во првите шест месеци од годинава се изградени 12 GW нови соларни централи, а до крајот на годината се очекуваат уште 21 GW, што би поставило нов рекорд за годишно зголемување на енергетска моќност во земјата и би го надминало претходниот максимум од 58 GW од 2002 година, кога доминираше природниот гас.
Најголем дел од растот се концентрира во Тексас, кој веќе ја престигна Калифорнија како водечка држава во соларниот сектор со 3,2 GW новоизградени капацитети во првата половина од годината и дополнителни 9,7 GW што се очекуваат до декември.
Паралелно, батериското складирање се наметнува како втор најважен сегмент со 5,9 GW додадени досега, половина од нив во Аризона и Калифорнија, додека Тексас планира 7 GW нови складишта до крајот на 2025.
Од друга страна, затворањето на постари капацитети останува ограничено, со оглед на фактот дека, од планираните 8,7 GW пензионирања годинава, досега се реализирани само 2 GW, а дополнителни 3,6 GW, главно на јаглен, нафта и природен гас, се одложени или откажани. Според најавите, 71% од затворањата ќе се однесуваат на јагленски централи, а 19% на гасни, што укажува дека американскиот енергетски пазар моментално е предводен од експанзија на нови обновливи капацитети, а не од забрзано гасење на старите.
Извор: EIA.gov