Скопје. 21 август 2025 – Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и директорот на МЕПСО, г. Бурим Љатифи, денес остварија работна средба со претставници на германската развојна банка KfW, посветена на унапредување на соработката во областа на енергетската инфраструктура и регионалната интерконекција.
На средбата се разговараше за неколку клучни проекти во партнерство со АД МЕПСО, кои се од стратешко значење за стабилноста и модернизацијата на електроенергетскиот систем:
- Подготовка на нов Правилник за мрежата (Grid Code), усогласен со новиот Закон за енергетика и Четвртиот енергетски пакет на ЕУ. Во рамки на ова, ќе се обезбеди техничка помош, а постапката за набавка ќе биде спроведена согласно процедурите на KfW.
- Интерконектор Македонија – Косово (400 kV): како прв чекор ќе се изработи претфизибилити студија што ќе ги опфати потенцијалните траси и еколошките аспекти. За ова е договорена заедничка апликација до WBIF за техничка помош и понатамошна поддршка на проектот.
- Јакнење на електропреносната мрежа преку приоритетни линии:
- 110 kV Струја – Куманово – Крива Паланка,
- 400 kV Штип – Радовиш – Струмица – Петрич/Сандански (Бугарија).
Соговорниците ја потврдија заедничката заложба за продолжување на билатералните средби и за убрзување на процесите, со цел обезбедување сигурен и модерен електроенергетски систем, подготвен да го апсорбира растот на обновливите извори на енергија.

„Регионалното поврзување и модернизацијата на електропреносната мрежа се предуслов за стабилен и сигурен енергетски систем. Соработката со KfW е значаен поттик за реализација на проекти што ја зајакнуваат позицијата на Македонија на европската енергетска мапа и го поддржуваат енергетскиот транзициски процес,“ изјави министерката Сања Божиновска.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи да работи на забрзување на стратешките инвестиции во енергетиката, во партнерство со меѓународните финансиски институции и домашните енергетски компании.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини