Брисел. 20 август 2025 – Според специјализираниот портал за даноци и даночна политика, taxfoundation.org, Европската унија бара од земјите членки да воведат минимална акциза од 0,359 евра по литар за бензин и 0,330 евра за дизел.
Иако пазарот на дизел возила во Унијата бележи постојан пад, тие сè уште сочинуваат околу 10% од регистрациите на нови автомобили. Дел од потрошувачите во Европа поради тоа се соочуваат со акцизи на дизел наместо на бензин.
Според податоците на taxfoundation.org, само Малта го применува минималниот данок на бензин, додека сите останати членки вовеле повисоки акцизи. Така, Малта има најниска акциза со 0,359 евра по литар, а по неа следат Бугарија со 0,363 евра и Унгарија со 0,399 евра. Највисоки даноци на бензин има Холандија – 0,789 евра по литар, потоа Италија со 0,713 евра и Данска со 0,711 евра, покажуваат податоците на АЕРС.
За споредба, минималната акциза во ЕУ на ниво од 1,60 американски долари по галон е повисока од највисокиот данок на бензин во САД, кој во Калифорнија изнесува околу 1,255 долари по галон, вклучувајќи федерални и државни давачки и еколошки надоместоци.
Покрај акцизите, земјите членки на ЕУ дополнително наплатуваат и данок на додадена вредност (ДДВ) на горивата. Со тоа, вкупниот даночен товар врз потрошувачите и економиите во Европа е значително висок.
Данокот на горивата останува едно од клучните политички прашања во Унијата, особено во контекст на зелената транзиција и целта на ЕУ да стане климатски неутрална до 2050 година.
Извор: Taxfoundation.org