Британија со рекордно производство на соларна енергија во 2025

Лондон. 19 август 2025 – Производството на соларна енергија во Велика Британија годинава веќе ја надмина целата количина генерирана во 2024 година, благодарение на забрзаната инсталација на панели и сончевото време. Според анализа на Financial Times врз основа на податоци од Универзитетот во Шефилд, до 16 август се произведени 14,08 терават-часови електрична енергија – за една третина повеќе од истиот период лани.

Ова количество би можело да обезбеди струја за 5,2 милиони домаќинства за една година или да го напојува лондонското метро повеќе од една деценија.

Енергетските аналитичари истакнуваат дека капацитетот на соларната енергија е зголемен за една петтина од 2023 година, што овозможи максимално искористување на сончевите услови во пролетта и летото. „И покрај репутацијата за облачно време, 2025 е рекордна за соларната енергија во Британија,“ изјави Џози Мардок од енергетскиот тинк-тенк Ember.

РЕКЛАМА

На 8 јули, за половина час, соларните централи произведоа рекордни 14 гигавати, што задоволи речиси 40% од побарувачката на струја во земјата, покажуваат податоците на Националниот енергетски системски оператор (Neso).

Министерката за енергија Миата Фанбулех оцени дека резултатите се „јасен знак дека мисијата за чиста енергија успева“ и најави дека продолжувањето на соларната експанзија ќе помогне во намалување на сметките за струја, борба против климатската криза и намалување на зависноста од фосилни горива. Владината цел е капацитетот на соларната енергија да достигне 45-47GW до 2030 година, кога 95% од електричната енергија треба да потекнува од чисти извори.

За таа цел, воведени се нови мерки: задолжително поставување панели на новоизградени домови, финансиска поддршка за училишта и болници, олеснета постапка за локално одобрување на средни проекти од 50-100MW, како и реформа на процедурите за приклучување кон мрежата.

Во последните пет години, инвестициите овозможија значително зголемување на бројот на соларни постројки. Според владините податоци, до март годинава беа инсталирани 18,1GW капацитет, иако индустријата тврди дека реалната бројка е поблиску до 22GW. Дополнително, во тек е изградба на уште 7GW нови проекти со владина поддршка.

Најголемата британска соларна централа – „Клив Хил“ во Кент – со 500.000 панели и капацитет од 373MW, годинава почна да испорачува струја. Таа обезбедува околу 0,7% од вкупната побарувачка, но процесот на реализација траеше една деценија и се соочи со жестоки локални протести.

Експертите предупредуваат дека за исполнување на целите до 2030 година потребни се масовни инвестиции во мрежата, која мора да се справи со варијабилното производство од обновливи извори. Регулаторот Ofgem во јули одобри 10 милијарди фунти за надградба на системот, дел од поширока програма вредна 80 милијарди.

И покрај предизвиците, индустријата е оптимистична. Поради падот на цените на батериите, се зголемува интересот за комбинирани соларно-батериски проекти, кои овозможуваат складирање на енергијата и продажба во вечерни часови. Според експертите, тоа го отвора патот за уште поефикасно искористување на сончевата енергија и поголема стабилност на мрежата.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads