Волфсбург. 17 август 2025 – Volkswagen достигна значаен историски момент во трансформацијата кон електромобилност – На 15 август годинава, во фабриката во Емден беше предаден 1,5-милионитиот електричен автомобил од ID. семејството. Возилото-јубилеј е црн ID.7 Tourer Pro со автономија до 606 километри.
На свеченоста присуствуваа премиерот на Долна Саксонија Олаф Лис и членови на Управниот одбор на Volkswagen. „1,5 милиони доставени ID. модели јасно покажуваат дека Volkswagen е пионер во електромобилноста,“ изјави Мартин Сандер, одговорен за продажба и маркетинг.
Првиот ID. автомобил беше испорачан во септември 2020 година, а денес брендот е лидер по регистрација на електрични возила во Германија и во Европа.
Фабриката во Емден, во која Volkswagen инвестираше над една милијарда евра, е една од трите во светот што се целосно посветени на производство на електрични возила. Производство на ID. модели се одвива и во Хановер, Чатануга (САД) и повеќе градови во Кина.
Семејството ID. се прошири од првиот модел ID.3 во 2020 година, со SUV-верзијата ID.4, купето ID.5, електричниот бус ID. Buzz, а во 2024 година пристигнаа ID.7 и ID.7 Tourer – последниот најпродаван електричен автомобил во Германија во првата половина од 2025.
И покрај успехот, Сандер оцени дека е потребна посилна политичка поддршка за приватните купувачи, бидејќи засега најголем дел од регистрациите се на комерцијални компании.
Volkswagen најави и нови достапни модели: во 2026 ќе стартува производството на компактниот ID. 2all со цена под 25.000 евра, а во 2027 ќе следи и ID. EVERY1, модел од околу 20.000 евра. „Нашата цел е јасна – да ја направиме електромобилноста достапна за сите: поволна, сигурна и одржлива,“ рече Сандер.
Извор: Volkswagen-newsroom.com