Будимпешта. 6 август 2025 – Унгарската нафтена компанија, MOL, продолжува со напорите за обезбедување стабилно и диверзифицирано снабдување со нафта во регионот, откако компанијата увезе 85.000 тони мешавина на сурова нафта од Каспискиот нафтовод (CPC) и потпиша нов договор за трговија со нафта со казахстанската национална нафтена компанија KazMunayGas (KMG).
Односите меѓу MOL и KMG датираат од 2004 година, а двете компании кон крајот на 2024 година ги унапредија врските со стратешки договор за соработка во областа на истражување и експлоатација на јаглеводороди, трансфер на технологии, снабдување со сурова нафта и петрохемија.
Новата пратка CPC сурова нафта, која претежно потекнува од Казахстан, беше испорачана преку пристаништето Новоросијск и пристигна во Омишал, Хрватска. Со ова, значително се зголемува обемот на нафта што се носи по морски пат во централна и источна Европа.
„MOL повеќе од една деценија работи на подобрување на Јадранскиот нафтовод и технолошката флексибилност на своите рафинерии. Идентификацијата на сигурни добавувачи и алтернативни типови нафта е клучна за стабилно снабдување. Горди сме што ја продлабочуваме соработката со нашите казахстански партнери и со овој нов договор ја зајакнуваме енергетската сигурност во регионот,“ изјави Габриел Сабо, извршен потпретседател за downstream секторот во MOL Група.
Дополнително, компанијата неодамна потпиша договор со унгарскиот енергетски гигант MVM за увоз на 160.000 тони азербејџанска сурова нафта годишно, што претставува 1,5% од вкупната годишна преработка на MOL. Од 2020 година, MOL има удел во нафтното поле Azeri-Chirag-Gunashli (ACG) и само минатата година испорача 5 милиони барели нафта од тоа поле во регионот.
Со ова, MOL Група јасно ја потврдува својата стратегија за проширување на изворите на снабдување и градење долгорочни и стабилни партнерства на глобално ниво.
Извор: HungaryToday.com