Ројтерс: Американски инвеститори со интерес за „Чирен“ во Бугарија

Софија. 5 август 2025 – Двајца американски инвеститори, со поддршка од поранешен менаџер во кампањата на претседателот на САД, Доналд Трамп, се во преговори со бугарските власти за можна инвестиција во државното подземно складиште за гас „Чирен“, кое е исполнето претежно со руски природен гас, јавува Ројтерс, повикувајќи се на пет извори запознаени со случајот.

Групата е предводена од финансисерот од Флорида, Стивен П. Линч, кој претходно се обидувал да го откупи гасоводот „Северен поток 2“ што ги поврзува Русија и Германија. Заедно со вториот инвеститор, Феј Ванг, тие разгледуваат начини да учествуваат во владиниот план вреден стотици милиони евра за зголемување на капацитетот на складиштето Чирен, единственото вакво складиште во Бугарија.

Инвеститорите, поддржани и од Бред Парскејл, клучен човек во изборните кампањи на Трамп во 2016 и 2020 година, се надеваат дека со проширување на капацитетот на Чирен ќе ја позиционираат Бугарија како гасен хаб за Источна Европа.

РЕКЛАМА

Според изворите, Линч и Ванг оваа недела треба да се сретнат со високи бугарски владини претставници за да добијат пристап до податоци за складиштето и да направат првична проценка. Од кабинетот на премиерот Росен Жељазков не одговориле на прашањата на Ројтерс за планираната средба.

Разговорите се во почетна фаза и не постои гаранција дека ќе доведат до договор, велат извори од индустријата. Парскејл во моментов има споредна улога, но би можел да помогне со поврзување со американски енергетски компании доколку проектот продолжи.

Проектот се случува во време кога Европската комисија најавува целосно укинување на увозот на руски гас по 2027 година, додека неколку источноевропски земји, вклучувајќи ја и Бугарија, продолжуваат да купуваат руски гас.

Бугарија, како земја-членка на ЕУ и НАТО, има клучна геостратешка позиција бидејќи преку нејзината територија минува гасоводот Турски тек – единствената активна линија што снабдува Источна Европа со руски гас. Според бугарски и европски аналитичари, какво било проширување на Чирен може да биде искористено и за складирање на руски гас преку посредници, како и за алтернативни извори.

Енергетскиот експерт Мартин Владимирoв од Центарот за проучување на демократијата во Софија вели дека Бугарија може да има клучна улога во одвојувањето на Европа од руската енергија, но предупредува дека се потребни јасни мерки за да се спречи складиштето да биде користено за „перење“ на руски гас преку трети земји.

Инаку, складиштето Чирен, изградено во 1970-тите, требаше да биде проширено преку проект вреден 285 милиони евра започнат во 2021 година, но истиот беше запрен во 2024 поради истрага на Европското јавно обвинителство за можно злоупотреба на ЕУ-фондови.

Американскиот инвеститор Линч е познат по своите бизнис врски со Русија. Покрај обидот за купување на „Северен тек 2“, тој во минатото учествувал во преземање на имот на руската нафтена компанија Јукос и купување на швајцарската филијала на руската банка Сбербанк.

Феј Ванг, пак, изјавил дека нема никаква поврзаност со претходните енергетски ангажмани на Линч во Русија, ниту со гасоводот Турски тек.

Според Ројтерс, од Европската комисија не дале коментар за тоа како плановите за проширување на Чирен се вклопуваат во стратегијата за забрана на рускиот гас. Министерот за енергетика на Бугарија, Жечо Станков, исто така не одговорил на прашањата.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads