Париз. 25 јули 2025 – Белгија и Франција најавија продлабочување на соработката во областа на нуклеарната енергија, откако Брисел донесе одлука да се откаже од претходниот план за постепено напуштање на нуклеарната енергија и целосно да се насочи кон оваа технологија без емисии – што претставува уште еден сигнал за заживување на нуклеарната ренесанса во Европа.
Во средата, во Париз, белгискиот министер за енергија Матије Бихе и неговиот француски колега Марк Ферачи потпишаа декларација за намери, со која двете земји се обврзуваат на заедничка работа во неколку клучни области: продолжување на животниот век на постојните реактори, развој на нови проекти (вклучително и мали модуларни реактори), истражување и развој, стратегиски синџири на снабдување, како и обука на кадри.
„Партнерството со Франција се темели на заедничка амбиција нуклеарната енергија да стане стратешки инструмент за поодржлива, поконкурентна и поотпорна Европа“, соопшти белгиското министерство за енергија.
Ферачи на социјалната мрежа X напиша дека белгиското враќање кон нуклеарната енергија овозможува конкретна соработка во повеќе области – од продолжување на работата на реакторите до заеднички развој на нови технологии.
„Оваа декларација е доказ за нашата заедничка волја да ги развиваме нуклеарните индустрии и да спроведеме амбициозни енергетски програми за обезбедување на нашата иднина“, рече Ферачи. „Заедно ја браниме европската енергетска стратегија заснована на технолошка неутралност, енергетски суверенитет и декарбонизација.“
Инаку, Алијансата за нуклеарна енергија, предводенa од Франција и формиранa во 2023 година, има за цел да ги промовира интересите на про-нуклеарните држави во рамките на Европската унија. Во 2024 година и се приклучија Белгија и Италија, зголемувајќи го бројот на членки на 14, што претставува нешто повеќе од половина од земјите членки на ЕУ. Сепак, тоа сѐ уште не е доволно за квалификувано мнозинство (65% од населението на ЕУ) во Советот на ЕУ.
Естонија веќе учествува како набљудувач во состаноците на овој сојуз, додека Литванија на 2 јули започна проценка за можноста за повторно активирање на нуклеарното производство, со официјална одлука очекувана во 2028 година. Литванската влада изјави дека „активно ја разгледува можноста за приклучување кон сојузот“, но без донесена формална одлука.
Извор: Euractive