Париз. 23 јули 2025 – По забавувањето во 2025 година, глобалната побарувачка за природен гас се очекува повторно да зајакне во 2026 година, пред сѐ поради зголемената понуда на течен природен гас (ЛНГ), стои во најновиот квартален извештај на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Според извештајот, пазарот и понатаму бил ограничен во првата половина од 2025 година, главно како резултат на намалените испораки на руски гас преку цевководи кон Европската Унија, ограничениот раст на глобалното производство на ЛНГ и зголемената побарувачка за пополнување на европските складишта.
Во таков контекст, проследен со неизвесна глобална економска состојба, ИЕА предвидува дека растот на побарувачката за гас ќе забави – од 2,8% во 2024 година, на околу 1,3% во 2025. Најголем дел од растот годинава се очекува да дојде од Северна Америка и Европа, додека побарувачката во Азија, каде што ценовната чувствителност е висока ќе биде на најниско ниво од енергетската криза во 2022 година.
Сепак, прогнозите за 2026 година се пооптимистички. Се предвидува глобалниот раст повторно да зајакне и да достигне околу 2%, откако на пазарот ќе пристигне нова, значајна количина ЛНГ. Се очекува понудата да се зголеми за 7% или 40 милијарди кубни метри, што ќе биде најголемо годишно зголемување од 2019 година наваму. Нови проекти во САД, Канада и Катар ќе придонесат за ова проширување на понудата, што, според експертите, ќе ги стабилизира пазарните услови и ќе поттикне нов раст на побарувачката, особено во азиските земји.
Во извештајот се посветува посебно внимание и на Блискиот Исток, каде што актуелните геополитички тензии значително влијаат врз нестабилноста на цените на гасот.
„Пазарите на природен гас влегуваат во нова фаза во втората половина од годинава и во 2026 година. Новиот бран на ЛНГ ќе придонесе за олеснување на состојбата на пазарот и ќе овозможи нов раст, особено во Азија“, изјави Кеисуке Садамори, директор за енергетски пазари и безбедност во ИЕА. „Но, прогнозите се сѐ уште под голема неизвесност поради нестабилната глобална економија и тензиите во светот. ИЕА внимателно ги следи пазарите и работи со партнери ширум светот за да се обезбеди сигурноста на снабдувањето.“
Според податоците за првото полугодие од 2025 година, потрошувачката на гас во Европа пораснала за 6,5% во споредба со истиот период минатата година, пред сѐ поради зголеменото користење на гасните електрани – како резултат на намалено производство од ветерни и хидроелектрани. Иако ваквиот раст не претставува долгорочен тренд, тој ја покажува важната улога што гасните електрани ја играат при одржување на стабилно електрично снабдување.
Во Кина, пак, потрошувачката на гас се намалила за околу 1%, а увозот на ЛНГ паднал за над 20%. Од друга страна, Северна Америка забележала раст од 2,5%, главно во првиот квартал поради студените временски услови што довеле до зголемена употреба на гас во домаќинствата.
Извор: ИЕА