Њујорк. 23 јули 2025 — Светот се наоѓа на историски пресврт во борбата против климатските промени, бидејќи фосилните горива ја губат трката со обновливите извори на енергија, изјави генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. Тој ги повика земјите да ја пренасочат својата поддршка кон нискојаглеродни технологии.
Според извештајот на Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA), над 90% од новите проекти за обновлива енергија во светот денес се поевтини од фосилните алтернативи. Производството на сончева енергија, во просек, е 41% поевтино од најевтиниот облик на фосилно гориво, додека електричната енергија добиена од копнен ветер чини помалку од половина од цената на енергијата добиена од фосилни извори.
Овој значителен пад на трошоците е резултат на широката примена на технологиите, зголеменото производство со низок јаглероден отпечаток – особено во Кина – и рекордниот инвестициски бум во секторот. Минатата година, инвестициите во обновлива енергија достигнаа 2 трилиони долари, што е 800 милијарди повеќе од инвестициите во фосилните горива и дури 70% повеќе од пред една деценија.
„ Се наоѓаме на прагот на нова ера. Фосилните горива го достигнаа својот крај. Се раѓа ерата на чиста енергија“, порача Гутереш.
Тој нагласи дека земјите кои сакаат стабилна енергетска иднина и пониски трошоци за граѓаните мора да се свртат кон обновливите извори.
„Најголемата закана за енергетската безбедност денес се фосилните горива. Тие ги изложуваат економиите и луѓето на ценовни шокови, прекини во снабдувањето и геополитичка нестабилност. Сонцето не поскапува. Ветерот не може да биде ставен под ембарго,“ додаде тој.
Сепак, глобалната побарувачка за енергија продолжува да расте, поттикната од екстремните горештини и потребата за ладење, како и од зголемената потрошувачка на електрична енергија за дата-центри, особено оние што ја поддржуваат вештачката интелигенција. Доколку овој раст се задоволува со фосилни горива, целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 °C станува недостижна.
Гутереш ги повика и технолошките гиганти до 2030 година целосно да преминат на снабдување со електрична енергија од обновливи извори.
Иако обновливите извори добиваат сè повеќе поддршка, индустријата на фосилни горива сè уште има силно влијание. Во многу земји, субвенциите за јаглен, гас и нафта сè уште изнесуваат милијарди долари.
Сите земји потписнички на Парискиот климатски договор од 2015 година се обврзани до септември годинава да достават нови национални планови за намалување на емисиите на стакленички гасови. Гутереш апелираше овие планови да се искористат за забрзување на транзицијата кон чиста енергија и постепено укинување на поддршката за фосилни горива.
„Оваа трансформација е прашање на енергетска и човекова безбедност. Тоа е прашање на паметна економија. Ја поминавме точката на враќање кога станува збор за фосилните горива,“ изјави Гутереш во говорот одложен поради минатомесечниот напад на Израел врз Иран.
Извор: The Guardian