Лондон. 21 јуни 2025 – Глобалниот енергетски тинк-тенк Ember објави нов извештај кој покажува дека соларната енергија, комбинирана со батерии, сега може да обезбеди сигурна електрична енергија 24 часа дневно, 365 дена во годината, и тоа по цена пониска од јагленот и нуклеарната енергија.
Според извештајот насловен „Соларна електрична енергија секој час од секој ден е реалност – И тоа менува сè“, континуираното снабдување со соларна енергија повеќе не е само теоретска цел. Во сончеви градови како Лас Вегас, САД, комбинација од 5 kW соларни панели и 17 kWh батерија може да обезбеди стабилна чиста енергија од 1 kW деноноќно, покривајќи 97% од годината. Во уште посончеви градови, како Мускат во Оман, се достигнува 99% сигурност.
Извештајот истакнува дека цената за постигнување на речиси континуирана соларна енергија значително опаднала во изминатите години. Во 2025 година, просечната цена (LCOE) за 97% покриеност во Лас Вегас изнесува само 104 долари по мегават-час, што е 22% помалку во споредба со 132 долари пред една година. Ова ја прави соларната енергија поевтина од јагленот (118 долари/MWh) и далеку поекономична од нуклеарната енергија (182 долари/MWh).
Според Констанца Рангелова, главен автор и аналитичар за електрична енергија во Ember „ова е пресвртница во глобалната енергетска транзиција,а соларната енергија 24/7 повеќе не е футуристичка идеја, туку е економска реалност.“
Напредокот во технологијата на батериите, особено во литиум-железо-фосфатните (LFP) батерии, кои се побезбедни, поиздржливи и поевтини, е главниот двигател на оваа трансформација. Според извештајот, во 2024 година, цените на батериите на глобално ниво паднале за 40%, а во проекти во Саудиска Арабија се пријавени трошоци од само 72 долари/kWh.
Покрај ова, извештајот покажува дека 24-часовната соларна енергија е остварлива не само во сончеви региони, туку и во помалку сончеви градови:
- Мускат (Оман) достигнува 99% сигурност.
- Јоханесбург, Мексико Сити, Манила и Абуџа надминуваат 90%.
- Дури и облачни градови како Бирмингем (Велика Британија) можат да постигнат 62% покриеност.
Индустриски сектори како дата-центри, фабрики и микромрежи веќе инвестираат во оваа технологија. Во ОАЕ, компанијата Masdar гради проект од гига-ват ниво со 5,2 GW соларни панели и 19 GWh батерии.
Соларната енергија со батерии овозможува до петпати поголем соларен капацитет зад истото мрежно поврзување, што може да заштеди значителни трошоци за проширување на мрежата. Ова е особено важно за економиите во развој, каде соларните индустриски зони можат да се создадат во сончеви области без пристап до мрежа. Сепак, Ember предупредува дека енергетските политики мора да се прилагодат. Планирањето, регулативите и финансирањето треба да ја поддржат интеграцијата на батериите во тендерите, да промовираат решенија надвор од мрежата и да ги поттикнуваат индустриските апликации.
Извор: ЕМБЕР