Брисел. 21 јуни 2025 – Новата регулатива на Европската комисија со која постепено би се забранил увозот на руски гас во Европската Унија нема да се однесува на трети земји, како што е Србија, изјави портпаролката на Комисијата, Ана-Каиса Итконен.
„Регулативата се однесува и се применува само на државите-членки. Тоа значи дека забраната важи за рускиот гас наменет за земјите на ЕУ, но не и за трети земји. Србија, на пример, ќе може да увезува руски гас за свои потреби преку Бугарија, но тој гас не смее да заврши во Унгарија“, рече Итконен на прес-конференција во Брисел.
Според предлогот на Комисијата, забраната за склучување нови договори за увоз на руски гас ќе стапи на сила од 1 јануари 2026 година. Дополнително, увозот преку краткорочни договори ќе биде целосно запрен до 17 јуни 2026, освен за земјите без пристап до море кои користат гасоводи.
Регулативата опфаќа и постепено укинување на увозот на руски гас преку цевководи и на втечнет природен гас (LNG), кој потекнува од или се извезува директно или индиректно од Руската Федерација.
Исто така, документот предвидува и мерки за целосно запирање на увозот на руска нафта до крајот на 2027 година. Сите земји-членки ќе треба до 1 март 2026 да достават национални планови за диверзификација, со јасни мерки и временски рамки за напуштање на рускиот гас и нафта.
Како отстапка за Унгарија и Словачка, кои немаат пристап до море, предложено е продолжување на увозот преку гасоводи до крајот на 2027 година, кога и тој увоз треба целосно да престане.
Извор: Европска комисија