Брисел. 20 јуни 2025 – Секретаријатот на Енергетската заедница објави нова студија која предлага конкретни мерки за ослободување на прекуграничниот капацитет за гас во Југоисточна Европа, со цел зголемување на енергетската безбедност и намалување на зависноста од рускиот гас до 2027 година.
Во контекст на засилените напори на Европската Унија за диверзификација на енергетските извори, студијата со наслов „Отклучување на комерцијалната атрактивност на Трансбалканскиот гасоводен систем“ предлага правно усогласени чекори за реверзибилно користење на Трансбалканскиот гасовод (ТБГ), еден од клучните коридори кој ги поврзува Грција, Бугарија, Романија, Молдавија и Украина.
Според наодите, активирањето на гасоводот во насока од југ кон север може да овозможи транспорт на LNG (течен природен гас) од терминалите во Грција, како и на гас од Каспискиот регион и Источниот Медитеран, кон Централна и Источна Европа. Студијата посочува дека целосната имплементација на предложените мерки до гасната година 2026/27 може да донесе и до 92 милиони евра годишни приходи за операторите на системите за пренос на гас (ТСО).
„Оваа иницијатива има потенцијал значително да ја зајакне енергетската сигурност во регионот, да ги интегрира регионалните пазари и да обезбеди усогласеност со правото на ЕУ и на Енергетската заедница,“ се вели во соопштението на Секретаријатот.
Во рамките на подготовката на студијата, спроведена е сеопфатна консултација со клучни европски и национални чинители, меѓу кои ENTSOG, ACER, Европската комисија, национални регулаторни тела и учесници на пазарот.
Идентификувани се повеќе предизвици кои го попречуваат ефикасното користење на прекуграничниот капацитет, меѓу кои високите транспортни трошоци (до 10 €/MWh), неусогласени правила за пристап, различни процедури за букирање и ограничен капацитет на клучни интерконекции, како Исакча–Орливка на границата меѓу Романија и Украина.
Препораките од студијата ќе бидат искористени во натамошната работа на Секретаријатот во рамките на иницијативата CESEC (Central and South-Eastern Europe Energy Connectivity), во соработка со Европската комисија и ACER.
„Потребна е координација меѓу националните регулатори и оператори, како и транспарентни и недискриминаторски правила за капацитет. Секретаријатот е подготвен да го поддржи овој процес преку олеснување на прекуграничната соработка и следење на напредокот,“ стои во соопштението.
Извор: Енергетска заедница